
Италија ќе заработи 20 милијарди евра од приватизација во следните три години, изјави премиерот на земјата Џорџa Мелони во телевизиско интервју, пренесува АНСА.
Таа смета дека Италија може да продаде некои акции од јавните претпријатија без да ја загрози државната контрола врз компаниите.
Мелони најави делумна продажба на имотот на италијанските железници во наредниот период.
Италијанската влада, наводно, размислува и за продажба на четири отсто од акциите во енергетскиот гигант Ени.
Италија веќе подолго време се соочува со финансиски проблеми, а во ноември минатата година рејтинг агенцијата Мудис ја подигна перспективата на италијанската економија од „негативна“ на „стабилна“, што беше голема победа за премиерот Мелони, пренесе Блумберг.
Премиерката на Италија е оптимист и изјави дека економијата на нејзината земја ќе расте побрзо од просекот на Европската унија во 2024 година.











