Италија затвора продавници и угостителски објекти, ќе работат само аптеки и маркети за храна

499

Во наредните 15 дена во цела Италија ќе бидат затворени сите продавници и угостителски објекти, освен освен аптеките и продавниците за храна, соопшти премиерот на Италија, Џузепе Конте.

Италијанската влада ги презеде овие драстични мерки за спречување на ширењето на новата пандемија на корона вирус.

Фризерниците, салоните за убавина, кантините, баровите, продавниците и рестораните ќе бидат затворени.

“Ќе ги затвориме сите останати продавници, кафулиња, пабови и ресторани. Дозволена ќе биде испораката на храна до домовите“, рече Конте.

Наведе дека на луѓето ќе им бидат достапни банкарски услуги, како и јавен превоз. На сите што можат да работат од дома им се препорачува да продолжат така. Фабриките остануваат отворени, со висок степен на мерки за претпазливост. Активностите во земјоделието, сточарството и преработката на храна, вклучително и транспортот на тие производи се дозволува во согласност со хигиенските и здравствени стандарди.

“За овие мерки да покажат резултати ќе мора да почекаме неколку недели“, рече Конте, набројувајќи кои бизниси ќе бидат затворени.

Од коронавирусот во Италија, 827 лица починаа, а повеќе од 12.000 се заразени.

Фото: Pixabay