Буџетот на Италија за 2025 година предвидува намалување на фискалниот дефицит на 3,3 отсто од БДП од очекуваните 3,8 отсто од БДП во 2024 година, со даночни намалувања за групите со низок и среден приход.
Европските правила налагаат буџетскиот дефицит на членките на ЕУ да не може да надмине три отсто од нивниот БДП, а Италија значително ја надмина таа граница во 2022 и 2023 година, пренесува Ројтерс.
Владата на премиерката Џорџија Мелони се обврза да го намали буџетскиот дефицит на Италија на помалку од три отсто од БДП во 2026 година, со што ќе ги исполни критериумите на Европската унија.
Планираните заштеди се комплицираат со скапите владини субвенции за енергетски ефикасни градби, познати како „супер бонус“, но и од големите протести на италијанските синдикати, кои сметаат дека буџетот за следната година е социјално неправеден.
Банката на Италија претходно во декември објави дека економијата на земјата ќе порасне за само 0,5 отсто во 2024 година, значително ревидирајќи ги надолу претходните очекувања за раст од еден процент.
Централната банка очекува дека економскиот раст во Италија ќе се забрза до 0,8 отсто во 2025 година и до 1,1 отсто во 2026 година.
Според експертите, економскиот раст на Италија ќе ги поддржи и инвестициите поврзани со фондот на ЕУ за закрепнување од пандемијата, кои почнуваат да се влеваат во италијанската економија, објави Блумберг.