
Италијанската економија расте побрзо од германската економија, која до неодамна беше индустриски двигател на еврозоната.
Според официјалните податоци објавени минатата недела, италијанската економија пораснала за 0,5 отсто во последниот квартал од 2023 година, додека германскиот раст во истиот период се намалил за 0,2 отсто.
Веројатно оваа шема ќе продолжи и оваа година. Имено, Централната банка на Италија предвидува дека економскиот раст на оваа земја годинава ќе изнесува 0,6 отсто, додека Централната банка на Германија очекува дека економскиот раст на оваа земја ќе изнесува 0,4 отсто, пренесува Кликс.ба.
Економскиот раст на Италија не е голем, но покажува дека одредени перцепции за европската економија се во спротивност со реалноста. Дополнително, другите економски показатели за Италија изгледаат попозитивни од претходно.
Премијата за ризик на италијанскиот долг е најниска во последните две години, а стапката на невработеност е најниска во последните 15 години (освен еден месец за време на пандемијата на коронавирус). Стапката на невработеност во декември беше 7,2 отсто, додека пред десет години беше 13 отсто.
Аналитичарите сметаат дека Италија не прави ништо особено добро, но на Германија и оди доста лошо. Имено, Германија е во неволја бидејќи се потпираше на евтината руска енергија и затоа што ја продлабочи трговијата со Кина. Германската централна банка предупреди дека ситуацијата може дополнително да се влоши доколку активностите на Кина против Тајван предизвикаат дополнителни нарушувања во трговските односи.
Потпретседателот на Миланскиот институт за меѓународни политички студии Франко Бруни изјави дека Германија, како земја на врвот на европскиот производствен синџир, е особено ранлива на значително забавување на кинеската економија. Речиси осум отсто од извозот на Германија во 2020 година беше поврзан со Кина. Сепак, во ноември 2023 година изнесуваше пет отсто, што е за 13 отсто помалку од ноември 2022 година. Од друга страна, 2,6 отсто од италијанскиот извоз во 2022 година отиде во Кина.
Сепак, шефот на миланскиот Центар за Европа и глобално управување, Антонио Вилафранка, истакна дека секоја слабост во германското производство се одразува на Италија, која е значително поврзана со Германија.
Откако заврши пандемскиот бум, производството насекаде беше во неволја. Не само Италија, туку и целиот југ на Европа во последните неколку години има огромна корист од насоката на трошење за услуги, особено за туризам. Според податоците на Фирентинскиот центар за туристички студии, закрепнувањето се случило само по себе, а компаниите очекуваат туристичките резервации да бидат релативно стабилни во првиот дел од оваа година.











