Италијанската економија влегува во рецесија

454

Италијанската економија најверојатно забележа пад во третиот квартал и ќе продолжи да се намалува до средината на следната година, според најновите проценки на италијанското Министерство за финансии.

Владините проекции покажуваат дека третата по големина економија на еврозоната, погодена од скокот на цените на енергијата и рекордно високата инфлација, веќе е во почетна фаза на рецесија, која генерално се дефинира како два последователни квартали на пад на бруто домашниот производ, пренесува Мина.

Во првата половина од годината растот беше посилен од очекуваното, а бруто домашниот производ (БДП) скокна за 1,1 отсто во вториот квартал во однос на претходните три месеци, објави Министерството за финансии во годишниот Економско-финансиски документ.

Сепак, активноста веќе почна да опаѓа, се забележува во извештајот, со „малку негативна“ прогноза за БДП во третиот и четвртиот квартал поради падот на индустрискиот сектор.

Понатамошен пад на БДП се предвидува за првиот квартал наредната година, по што од вториот квартал треба да следи закрепнување, предводено од растот на меѓународната побарувачка, падот на цените на бензинот и зголемениот придонес кон БДП на фондовите на ЕУ за закрепнување од пандемијата.

Позитивен придонес кон БДП ќе дадат и реформите што ги спроведува Италија за да добие пари од ЕУ.

Сепак, ДЕФ покажа и дека Италија годинава ќе потроши околу 13 милијарди евра помалку пари од ЕУ фондовите за закрепнување отколку што планираше, што ги истакнува проблемите во спроведувањето на инвестициските програми.

Прогнозата за раст за следната година е намалена од 2,4 отсто, предвидени во април, на само 0,6 отсто.

Месечните податоци на заводот за статистика ИСТАТ покажуваат дека кризата е веќе започната. Италија загуби околу 74.000 работни места во август, при што бројот на вработени паѓа втор месец по ред, а септември донесе нагло влошување на потрошувачката и деловната клима.