Ивона Трајановска од Бизнис Арена: Македонските компании имаат потенцијал за раст надвор од домашниот пазар

На 14 октомври во DoubleTree by Hilton Skopje ќе се одржи „Бизнис Арена 2026“, конференција посветена на македонските брендови и пазарната експанзија. Домашни бизнис лидери, меѓународни експерти и претставници на институциите ќе отворат теми за конкурентноста, европските пазари, градењето брендови, лидерството и можностите за раст, а значаен дел од концептот е посветен и на директното деловно поврзување меѓу учесниците.

За идејата зад конференцијата, потенцијалот на домашните компании и она што е потребно македонските брендови похрабро да размислуваат за раст надвор од домашниот пазар, разговараме со Ивона Трајановска, една од организаторите на „Бизнис Арена 2026“.

Бизнис Инфо:Бизнис Арена 2026 се најавува како платформа за раст, поврзување и отворање нови можности за компаниите. Која беше идејата од која тргнавте кога го создававте концептот?

Разговорите со компаниите многу често нè носат до исти прашања, без разлика на нивната големина или индустријата во која работат. Како да се отвори следниот пазар, како да се дојде до вистински партнер, каде да се бара капитал, како да се изгради посилен бренд и како компанијата организациски да се подготви за следната фаза на раст. Добриот производ е основа, но денес тој е само еден дел од многу поширока слика.

Токму од таа реалност се развиваше концептот на Бизнис Арена. Не сакавме да создадеме настан во кој сцената е центар на сè, а публиката има пасивна улога. Сакавме на едно место да ги споиме луѓето кои имаат знаење и искуство со компаниите кои бараат одговор, контакт или можност. Затоа програмата, вмрежувањето, директните средби и практичните формати се подеднакво важни делови од целината.

За нас, вистинската вредност не е некој да си замине со десет страници белешки. Многу поважно е да си замине со една добра идеја што ќе ја примени, со контакт на кој ќе му се јави следниот ден или со појасна слика за тоа кој треба да биде следниот чекор за неговиот бизнис.

Бизнис Инфо:Пазарната експанзија е една од главните теми годинава. Колкав е реалниот потенцијал македонските брендови да растат надвор од домашниот пазар и што е потребно за тоа да се случува почесто?

Големината на пазарот од кој доаѓате не мора да ја одредува големината на брендот што можете да го изградите. Македонија има компании кои создаваат квалитетни производи и услуги, има знаење и претприемачка енергија, а дел од нив веќе покажуваат дека можат успешно да работат и надвор. Но, преминот од успешен домашен бизнис кон меѓународно конкурентна компанија не се случува автоматски.

На нов пазар практично повторно треба да заслужите внимание. Таму не е доволно што сте познат и успешен бренд на домашниот пазар. Треба да знаете кој е вашиот потрошувач, со кого се натпреварувате, што ве издвојува, како ќе ја раскажете својата приказна и преку кои партнери ќе стигнете до пазарот. Истовремено, и самата компанија мора да биде подготвена за раст, од луѓето и процесите до начинот на кој носи одлуки.

Затоа и на Бизнис Арена пазарната експанзија не ја третираме изолирано. Таа е поврзана со брендот, лидерството, корпоративната култура, капиталот, конкурентноста и европските процеси. Ако сакаме повеќе македонски компании надвор, разговорот мора да почне многу порано од самиот извоз.

Бизнис Инфо:Токму таа поширока слика се гледа и во програмата. Како ги избравте темите и што сакате учесниците да добијат од домашните и меѓународните говорници?

При креирањето на програмата не тргнавме од имињата, туку од прашањата. Што во моментов е важно за компанија која сака да расте? Што треба да има изградено внатре во компанијата за да биде конкурентна надвор? Како промените на европскиот пазар ќе влијаат врз нејзиното работење? И што можеме да научиме од луѓе и компании кои веќе работат во многу поголем и поконкурентен контекст?

Оттука доаѓа и спојот на темите. Од една страна зборуваме за идентитетот, вредностите, корпоративната култура и лидерството, а од друга за европското проширување, трговијата, инвестициите и глобалните правила што имаат многу конкретни локални последици.

Меѓународната перспектива тука е особено важна. Кога долго работите во една средина, лесно е одредени ограничувања или начини на работа да ги прифатите како даденост. Погледот однадвор може да отвори сосема поинакво прашање. Истовремено, домашните бизнис лидери ја носат реалноста на македонскиот пазар. Не сакаме готови рецепти од странство, туку спој на различни искуства од кој секоја компанија може да извлече нешто применливо за себе.

Бизнис Инфо:Голем дел од концептот е посветен на она што ќе се случува надвор од главната сцена. Зошто толку инсистирате на директното поврзување меѓу учесниците?

Затоа што во бизнисот многу работи започнуваат со разговор. Можете со месеци да истражувате одреден пазар, а една средба со човек кој веќе работи таму да ви отвори перспектива што не сте ја имале. Можете да имате идеја за раст, но да не го познавате вистинскиот партнер, инвеститор или експерт што може да ви помогне да ја реализирате.

На деловните конференции таквите средби често се оставаат на случајност. Некого ќе сретнете на кафе, со некого ќе размените контакт, а со некого едноставно нема да успеете да се поврзете. Кај Бизнис Арена сакавме тој дел да биде структуриран и да има своја функција.

Затоа во текот на целиот ден ќе функционира Experience Zone со Export Corner, Capital Corner, Sofa Corner, VIP Corner, Red Phone Corner и Interview Corner. Секој од тие формати отвора различен тип разговор, но идејата е иста, да се зголеми шансата вистинските луѓе да се најдат едни со други.

За мене, доброто вмрежување не се мери според тоа колку контакти сте размениле. Добро вмрежување е кога следната недела имате причина повторно да седнете со некого на маса.

Бизнис Инфо:Brand Export Competition оди уште подалеку и на еден македонски бренд му отвора конкретна можност за шведскиот пазар. Како овој сегмент се вклопува во пошироката идеја на конференцијата?

Ако цел ден зборуваме дека македонските компании треба да бидат поотворени кон светот, важно е барем дел од тој разговор да го претвориме во реална можност. Brand Export Competition произлезе токму од таа логика.

Три финалисти ќе го претстават својот бренд на главната сцена, а форматот намерно е динамичен, со едноминутен pitch и гласање на публиката во живо. Победникот ќе добие Go-to-Sweden Acceleration Package, односно поддршка за пласман и позиционирање на својот производ или услуга на шведскиот пазар.

Но, интересен е и процесот низ кој поминуваат компаниите. Во моментот кога својот бренд треба да го претставите пред луѓе кои не го познаваат вашиот домашен контекст, многу брзо станува јасно дали вредноста што ја нудите е доволно јасна и силна. Тоа е важен тест за секој бренд што размислува меѓународно.

Шведска во тој контекст е особено интересна. Таа покажува дека релативно мал домашен пазар не е пречка за создавање глобални компании и брендови. Зад тоа стојат иновации, јасно позиционирање, долгорочно размислување и способност да се конкурира многу пошироко од сопствените граници. Тоа е искуство од кое македонскиот бизнис има што да научи, без идејата да биде да копираме нечиј модел.

Бизнис Инфо:Што за вас ќе биде вистински успех на „Бизнис Арена 2026“ и каква улога сакате конференцијата да има на подолг рок?

Еден настан може да изгледа одлично тој ден, да има полна сала, добри говорници и многу енергија, но вистинскиот ефект се гледа подоцна. Многу повеќе би ми значело еден месец подоцна да слушнам дека две компании што се запознале на Бизнис Арена започнале соработка, дека некој отворил разговор за извоз или дека контакт направен таму прераснал во нова деловна можност.

Токму затоа не ја гледаме Бизнис Арена само како настан што се случува еднаш годишно. Амбицијата е околу неа постепено да се гради платформа која ќе ги поврзува македонските компании со релевантни луѓе, знаење и пазари. Конференцијата е моментот кога сите тие елементи физички се среќаваат на едно место, но нивната вредност треба да продолжи многу подолго.

Ако по Бизнис Арена започнат разговори што претходно не постоеле, ако некоја компанија појасно види каде сака да оди или ако една средба отвори врата што дотогаш била затворена, тогаш сме ја постигнале суштината. Бизнис Арена не треба само да зборува за растот на македонскиот бизнис. Треба да создава услови тој раст полесно да се случи.