Град Скопје ја продолжува традицијата и по единаесетти пат избираат Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите.
За реализација на овој проект избрани се 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафе барови на територијата на градот Скопје, кои со вкупно 510 посети од независни и објективни тајни купувачи ќе бидат оценети според неколку критериуми: прв контакт со гостите, хигиена на објектите, изглед и хигиена на тоалетите, амбиент на објектите, услуга на келнерите, квалитет на храната и завршен контакт со гостите.
Врз основа на резултатите од истражувањето, ќе се изберат три најдобри ресторани, три најдобри гостилници, како и три најдобри кафе барови кои постигнале највисок вкупен резултат на испитаните елементи на услугата.
На најдобрите ќе им биде доделено јавно признание во форма на плакета, се вели во соопштението.
Овој проект се спроведува веќе единаесет години по ред и се повеќе го буди интересот кај угостителите, но и кај јавноста. Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата што се дава на клиентите во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет во угостителските објекти на територијата на градот.