Избрани најдобрите ресторани и гостилници во Скопје за 2012 година

50

Рестораните Национал, Аванти и Гурмет, и гостилниците Кај Чичо 2, Капка и Галерија се прогласени за најдобри угостителски објекти во Скопје за оваа година.

Овие ресторани и гостилници се победници според истражувањето на SWOT мистери шопинг (агенција за тајно купување), кое беше спроведено врз вкупно 100 објекти, и траеше од 15 октомври до 15 ноември 2012. Целта на истражувањето е подигнување на свеста за обезбедување квалитетна услуга на клиентите.

“Според статистиката, бројот на туристите што го посетуваат Скопје драстично се зголемува. Притоа, освен што треба да ги видат знаменитостите, особено е битно и добро да ги пречекаме, преку љубезноста и гостоприливоста да им понудиме традиционална македонска храна со која можеме да се пофалиме и нескромно да кажеме дека имаме една од најдобрите кујни во светот”, рече градоначалникот Коце Трајановски пред доделувањето на признанијата.

Истражувањето се одвиваше на тој начин што тајните купувачи ги посетуваа угостителските објекти по три пати, потоа ги оценуваа според шест клучни критериуми, прв контакт (поздравување и упатување кон местото за седење), изглед на просторијата (хигиената на просторот, масата и приборот за јадење), услуга на келнерите (љубезноста, брзината), квалитет на храната (количина и соодветност на порција) и завршен контакт (поздравување при заминување). Според овие критериуми беше констатирано дека и рестораните и гостилниците во главниот град го подигнале квалитетот на услугата.

Забележан е над 90%  резултат кај вкупно 22 од испитаните 50 гостилници и кај 19 од 50-те испитани ресторани. Градот Скопје и SWOT агенцијата по петти пат го спроведуваат ваквото истражување.