Избрани најдобрите угостителски објекти во Скопје

104

restaurant-furniture

Град Скопје и оваа година го реализираше проектот за избор на најдобар угостителски објект меѓу најдобрите. На прво место се најде мексиканскиот ресторан Амигос, второто место го делат рестораните Буши и Венето, додека една позиција зад нив се најде Маргер. Канцона е најдобра меѓу гостилниците, потоа следи Бисера Ив, додека зад нив е Рори (Ројал Рустикана).

Град Скопје во соработка со Агенцијата Свот ДООЕЛ – Скопје, го реализираше овој проект, којшто спроведува осум години по ред.

“Целта на манифестацијата Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2015 е да се издвојат најпрестижните и најдобрите ресторани и гостилници во градот, што секако ќе биде поттик за подобрување на квалитетот на услугата, односот со гостите, како и на целокупниот амбиент во сите угостителски објекти во Скопје. Тајните купувачи, ангажирани од Агенцијата Свот ДООЕЛ – Скопје ги завршија трите обиколки на 100-те угостителски објекти, кои по случаен избор влегоа во трката за Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2015. Тајните купувачи по направената евалуација изготвија извештаи кои се изработени по одредените критериуми и според изнесените резултати ме загрижува податокот дека имаме пад на квалитетот на услугите, односно при завршниот контакт на келнерите со гостите и им порачувам на сите угостители да ја подобрат услугата, бидејќи ние како Град ќе продолжиме да го организираме овој проект и ќе ги изнесуваме во јавност придобивките, но нема да ги премолчуваме и лошите оценки. Сепак, ме радува фактот што за еден процентен поен, односно од 4% се зголемила на 5% оценката за давање фискални сметки во угостителските објекти на територијата на градот Скопје“, изјави градоначалникот Коце Трајановски.

Кристијана Ивановска од Агенцијата Свот ДООЕЛ – Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека годинава во текот на истражувањето коешто се спроведе во периодот од 1 до 30 октомври, од вкупно 100 угостителски објекти, 15 гостилници се со високи над 90% и 19 ресторани и потенцираше дека и годинава ниту еден угостителски објект не забележал ниски резултати, односно под 50 %.

Со проектот и година беа  опфатени 50 ресторани и 50 гостилници на територијата на градот Скопје, кои со вкупно 300 посети, или секој по три пати, се оценуваа според следниве критериуми: прв контакт со вработените, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храната и завршен контакт на вработените со гостите.

Резултатите од истражувањето беа јавно презентирани пред угостителите во форма на заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина.

Проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2015 година.