Избрани победниците на Startup Weekend Skopje

103

Изминатиот викенд, од 6-ти до 8-ми мај, во просториите на Инофеит, при факултетот за електротехника и информациски технологии, беше одржан Startup Weekend Skopje. Овој настан, 11ти по ред, уште еднаш успеа да ги поврзе младите претприемачи и бизнис ентузијасти.

Настанот започна во петокот, а беше отворен од страна на фасилитаторот од Теchstars, Козмин Приву од Романија. Како специјален гостин на настанот беше присутен и Вања Јосифовски, поранешен CTO на Pinterest и Аirbnb.

50 млади луѓе поддржани од 15 искусни ментори интензивно работеа на нивните креативни идеи цели 54 часа. Разработените идеи ги презентираа пред тричленото жири составено од експерти во различни области (дизајн, иновации и информациски технологии).

Оваа година како победник беше избран тимот на “Еnroll”, кој креираше платформа за градење на поефикасни тимови преку различни активности.  Со помош на “Еnroll” вработените ќе добијат шанса да се поврзат со колеги кои имаат слични интереси, а работат во други одделенија. Главната функција на платформата е поефикасно да ги поврзе вработените, а со тоа да придонесе кон градење и оддржување на подобра компаниска култура.

Второто место му припадна на тимот “Second Chance” и нивната бизнис идеја за создавање на апликација за продажба на користена облека. Преку апликацијата тие сакаат да ги поврзат сите оние кои имаат непотребна oблека во својот гардеробер со оние кои сакаат да ја купат. Исто така, апликацијата се фокусира и на можноста за донирање на облека кон ранливи групи на луѓе.

Трето место освои тимот на “US+”. Членовите на тимот ја претставија својата идеја за платформа преку која луѓето кои секојдневно патуваат ќе можат да се поврзат и да споделат различни начини на превоз.

Почесно споменување добија тимовите на “Doggy Tinder” и “Bridge IT”.