Изготвени 58 технички документации за проекти во 47 општини и два регионални центра

34

Со 1,6 милиони долари досега се изготвени 58 квалитетни технички документации за проекти во 47 општини и два регионални центра. Сите овие проекти се подготвени за реализација, а за нивно финансирање ќе бидат потребни 126 милиони долари, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на „Тркалезната маса за финансирање инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување“.

Проектите, напомена Битиќи, ќе придонесат за подобар живот на граѓаните, а додадена вредност е што се зајакуваат капацитетите на локалните самоуправи.

-Идејата за проектот потекна од централанта власт која препозна недостиг на квалитетни технички документации на локално ниво. Мора да се посветиме на проекти за реалните потреби на граѓаните и тука нема компромис. Ваквиот тип структурна поддршка со која е подготвувана квалитетна техничка документација, се надевам дека ќе мобилизира повеќе инвестиции, нагласи вицепремиерот.

Тој подвлече дека останува владиниот приоритет за рамномерен регионален развој поради што продолжува изготувување и спроведувањето проекти за подобрување на патната и железничката инфраструкутра, водоводи и канализации, градинки, училишта, амбуланти,..

Битиќи најави и дека прв пат ќе се формира централна единица за мониторинг и спроведување капитални проекти која ќе гарантира нивно ефикасно спроведување.

Шведската амбасадорка во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон ги поздрави ваквите заложби, нагласувајќи дека во Шведска се нагласува потребата од зелени инвестици.

-Кога видов кои проекти се поддржани, ми беше мило дека се многу различни – и во делот на физичката инфраструктура како патишта, транспорт, но има и инвестици од социјален аспект: училишта, градинки, амбуланти. Во Шведска ја нагласуваме потребата од зелени инвестици и енергетски ефикасни решенија како кај згради или еколошки извори на енергија, рече Форсгрен Бенгтсон.

Амбасадорката информира и дека шведската Влада усвои долгорочна седумгодишна стратегија, до 2027 година, особено за Западен Балкан и Турција, во која е опфатена и Северна Македонија.

-Шведска верува дека локалниот развој е клучен фактор за економски раст. Ќе продолжиме да соработуваме со државите во регионот, потенцира Форсгрен Бенгтсон.

На конференцијата се обрати и постојаниот претставник на УНДП во Скопје, Армен Григорјан кој истакна дека инвестициите во инфраструктурата се клучни за локален економски развој.