Проектот за изградба на новиот аеродром во Загреб е под знак прашалник. Наводно, францускиот инвеститор ZAIC бара намалување на обемот на работа на одредени делови на аеродромот во првата фаза на изградбата за да се намалат вкупните трошоци. Инвеститорот побарал и зголемување на разните такси што ги плаќаат патниците и авиопревозниците. Имено, проекциите за зголемување на бројот на патници за 3,5 милиони во првата година веќе не се така сигурни, па концесионерот бара намалување на инвестицијата, пишува Јутарњи лист.
Министерот за сообраќај Синиша Хајдаш Дончиќ наводно им порачал на Французите дека следува раскинување на договорот доколку не ги исполнат договорените услови и работата не започне оваа есен. Крајниот рок за договор е утре, кога министерот ќе се сретне со концесионерите и потоа ќе биде јасно дали ZAIC заминува од Хрватска или ќе почне со градење на нов терминал во септември.
Концесискиот договор е потпишан пред повеќе од една година, но концесионерот се уште не ја затворил финансиската конструкција, што е главен предуслов за преземање на постоечкиот аеродром и почеток на изградбата.