Изгубени во профитот!

20

budzet-pixabay

Фото: Pixabay

Живееме во време на капитализам. Тој има само еден Бог. Тоа е неговото височество ПРОФИТОТ! Таквиот фокус прави денес, еден значаен дел од компаниите да постојат со една единствена цел: Да ги направат сопствениците богати! Живеењето во овој “филм” ги става бизнисмените, а преку нив и вработените и компаниите во функционирање исполнето со постојана и неподнослива трка. Со присуство на постојан стрес. Со ќе успееме ли? Ќе го постигнеме ли таргетот? Ќе го оствариме ли зацртаниот профит? Ќе се збогатиме ли доволно? Деноноќно размислување како со помалку трошок да добиеме повеќе профит!

Но дали вашиот бизнис постои само за да вие заработите? Дали тоа е неговата примарна цел или пак заработката треба да биде резултат на успешното извршување на вашата дејност? Искрено мислам дека добар дел од бизнисмените од дрвото ја изгубиле од видик целата шума. Преголемиот фокус на последицата (профитот) прави тие да ја заборават целта и суштината.

Драги мои, секоја дејност има своја вистинска суштинска цел. Ништо не постои само за да носи заработка! Здравствената институција не постои за докторите да заработат многу пари, ниту за тие таму да бидат “мали богови”, туку за луѓето таму да добијат лек и соодветен третман и од болни да станат здрави! Фабриката за производство на мебел не постои за да направи мебел кој ќе го произведе што е можно поевтино, а ќе го продаде што е можно поскапо за на крај профитот да биде поголем. Фабриката постои за на луѓето да им креира мебел кој на луѓето за пристапна цена ќе им овозможи поубаво и поудобно живеење. Келнерот во ресторанот не е лице кое носи јадење за да им ги земе парите на гостите. Тој е лицето кое е таму за да направи гостите да доживеат пријатно искуство, да им помогне да ја изберат најдобрата храна за нивниот вкус, да биде тука за нив… таа вечер да им го направи светот подобро место за живеење. Да, секоја дејност има своја суштинска причина за постоење. Тоа секако не е профитот! Тој е последицата и резултатот.

Некој сега ќе каже, Лазар идеалистички ти е погледот, каде живеш ти? Сврти се околу тебе! Хм… да, навистина би требало да се свртиме околу себе, но не само локално, туку и глобално! Искуства покажуваат дека сопствениците на компании кои во својот бизнис успеале да ја препознаат промената која ќе настане во светот токму поради нивната активност и кој успеале да ја пренесат оваа суштина на своите вработени се луѓето кои ги нарекуваме бизнис лидери и кој направиле компании во кои вработените не продаваат само продукти, туку и ги менуваат животите на клиентите. Тие успеваат да го освестат суштинското значење на тоа што го работат и со тоа да направат нивните вработени да се посветат со целото свое срце, ум и тело на она што го прават. Секој сака да биде дел од нешто големо, да има смисла неговиот секојдневен напор. Никој не сака да биде едно мало незначајно запчаниче кое врти само за да се полни новчаникот на газдата!

Со таквиот пристап во се што се прави ќе постои живот, ќе постои енергија, ќе постои страст и желба да биде направено најдобро што може. Секој ќе вложува во унапредувањето на продуктот, во подобрувањето на услугата. Само со вистинско освествување на суштината на бизнисот ќе се креира синергија во функционирањето. Клиентите ќе го добијат тој X фактор од односот на вашите вработени кој не може да се плати и поттикне со пари и трка за профит. Способноста да се разбуди суштината е одлика на вистинските лидери. Тие живеат за промената за суштината, не за профитот. Тие му служат на светот и на луѓето во него. Тие го менуваат, го прават поубаво место за живеење… а преку својот пример ги водат своите вработени на тоа незаборавно искуство заради кое тие со радост и исполнетост ќе доаѓаат на работа и ќе уживаат во неа!

ПС: Сега морате да ме пофалите, ептен се потрудив колумнава да биде пократка 🙂

ПС2: СРЕЌНА ВИ НОВА ГОДИНА. Ви посакувам прекрасен дочек и нека 2014 биде година полна со многу суштина и длабока инспирација за дејствување и менување на светот низ секојдневното работење!