ИЗВЕШТАЈ НА ММФ: Царинската “војна на титаните“ ги гази економиите, нови прогнози и за Македонија !

Досега невидени високи царини во еден век. Нестабилна и флуидна година, но сепак полека се исцртува “економскиот пејсаж“ по царинските и трговските политики на Трамп кон светот. Економските и финансиските лидери од светот во Вашингтон каде се објави новиот извештај на Меѓународниот Монетарен Фонд за глобалната економија. Во него нотирана и Македонија.

Глобалната економија годинава ќе испорача раст од 3,2% што ќе биде понизок од ланскиот кога изнесуваше 3,3%. Меѓународниот Монетраен Фонд со нови есенски прогнози за клучните економски движења, но и со оценка за последиците од трговските и царинските политики на претседателот на САД Доналд Трамп.

“2025 -та беше флуидна и нестабилна година чија динамика во голем дел беше детерминирана од преуредувањата на политичките приоритети во Соединетите Американски Држави и прилагодувањето на политиките во другите економии на новата реалност. Како што веќе беше забележано во Светскиот економски преглед (WEO) од април 2025 година, серијата на нови царински мерки од страна на САД ги зголемија царинските стапки на нивоа невидени во еден век. Контрамерките од страна на американските трговски партнери беа ограничени“ – се наведува во новиот извештај на ММФ.

Според новите прогнози американската економија годинава ќе ја заврши со економски раст од 2 %, а следната година со 2,1% – и во двата случаи пониски стапки во однос на ланските 2,8% раст. Од Еврозоната, од групата на најголемите европски економии, најголем раст на БДП за 2,9% ќе испорача Шпанија, економскиот раст годинава на Франција ќе изнесува 0,7%, а на Италија 0,5%. Нашиот најважен трговски партнер Германија годинава ќе има раст на БДП само 0,2% а догодина 0,9% што според оценките на ММФ е оптимистичко сценарио во однос на ланската година кога водечката европска економија беше во рецесија. На “другата“ страна на светот, во групата земји во развој, Кина годинава ќе има раст од 4,8% Индија 6,6% додека Русија веќе ги чуствува економските последици од војната, со раст на БДП од само 0,6% годинава.

И во оваа 2025- та светот сведочеше на трговска “војна на титаните“, но според ММФ последиците ги чувствува и американската економија.

“Глобалната економија покажа отпорност на шоковите од трговската политика, вклучително и затоа што овие шокови се материјализираа во помал обем од очекуваниот, но влијанието од промената на политиките станува видливо во поновите податоци. Последната рунда на царини дојде кога американската економија почна да покажува знаци на значително забавување. БДП растеше на годишно ниво од 3,8 проценти во вториот квартал од 2025 година, но главно затоа што увозот и залихите целосно го сменија резултатот забележан во првиот квартал. Инвестициите се забавија, со намалување на трошењето за комерцијална и станбена изградба“ – се нотира во извештајот.

И Македонија нотирана во новиот есенски извештај на ММФ. Според новите прогнози домашната економија годинава ќе испорача раст од 3,4% додека следната година ќе се намали на 3,2%. Во однос на земјите од регионот Македонија ќе има ист раст на БДП како Албанија, повисок од Босна и Херцеговина, Србија и од Црна Гора, а понизок од Косово каде растот ќе биде 3,9% поради што Косово ќе биде “лидер“ во регионот. Дефицитот на тековната сметка на Македонија годинава ќе изнесува 3,6%, а следната 3,1%. За разлика од владините прогнози, ММФ со повисоки за инфлацијата, годинава ќе изнесува 3,9%, а следната 3 %.

Ценовниот притисок и понатаму ќе зависи од епилогот на воените жаришта па затоа економистите на ММФ препорачуваат да се посегне по реформи.

“Земјите треба да спроведат реформи без понатамошно одложување за да ја подобрат отпорноста додека се обликува новиот глобален економски “пејзаж“. Напорите за структурни реформи – промовирање на мобилноста на работната сила, поттикнување на учеството на работната сила, инвестирање во дигитализација и зајакнување на институциите – треба да се удвојат итно за да се зголемат изгледите за раст. За земјите со ниски приходи, мобилизирањето на домашните ресурси, вклучително и преку реформите на управувањето и административните реформи, е од суштинско значење за економијата “ – се наведува во извештајот на ММФ.

На Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон замина и министераката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Годишните средби на ММФ и СБ се одржуваат под мотото „Можност во време на промени“.

Д.А.

Фото: Printscreen -Youtube