Во ситуација на намалени испораки на руски гас, Европа се соочува со нов проблем во снабдувањето со енергија поради оштетувањето на системот на Каспискиот нафтовод (CPC), кој ја транспортира нафтата од Казахстан преку Русија.
Компанијата CPC, која учествува во глобалното снабдување со нафта со околу еден процент и чиј најголем акционер е рускиот оператор на нафтоводната мрежа Транснефт, објави дека извозот на нафта на две од трите рути на терминалот на Црното Море е суспендиран, пренесува Seebiz.
CPC изјави дека компанијата морала да ја прекине дистрибуцијата во две насоки поради оштетување на системот со што се намалува количината на проток на нафта.
Од конзорциумот додаваат дека планираат да ги заменат оштетените делови и бараат компанија која ќе ја врши работата, но не прецизираат временска рамка за работата.











