
Актуелната извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева е единствениот кандидат за функцијата, соопшти управниот одбор.
Бугарската економистка, пишува Хина, таа функција во ММФ ја извршува од 2019 година и веќе изјави дека е подготвена за уште еден мандат, доколку биде номинирана.
Актуелниот мандат на 70-годишната Георгиева истекува на крајот на годинава.
Водечката позиција во ММФ традиционално им припаѓа на Европејците, а онаа во Светска банка на Американците.
Георгиева е втората жена на чело на ММФ, по Кристин Лагард, која во меѓувреме ја презеде функцијата претседател на Европската централна банка.
ММФ и Светската банка се основани на крајот на Втората светска војна, потсетува агенцијата ДПА.











