
Главниот извршен директор на германската групација Фолксваген ја опиша ситуацијата во клучниот бренд на компанијата VW како „алармантна“, неколку дена откако плановите за намалување на трошоците и потенцијално затворање фабрики на домашниот пазар предизвикаа гнев кај вработените.
Пишувајќи во неделниот весник Билд, Оливер Блуме рече дека се потребни радикални промени за да се обезбеди опстанок на производителот на автомобили.
Во Европа се купуваат сè помалку возила, рече Блуме, додека на пазарот влегуваат нови конкуренти од Азија.
„Питата се намали и имаме повеќе гости на масата“, додаде тој.
Европската автомобилска индустрија се соочува со предизвици без преседан, тврди Блуме. „И економското опкружување повторно се влоши, особено за брендот VW.
И покрај кризата, Фолксваген нема да ја напушти својата татковина, вети Блуме.
„Ние сме цврсто посветени на Германија како локација, бидејќи Фолксваген обликувал цели генерации. Имаме вработени чии дедовци исто така работеле во Фолксваген. Сакам нивните внуци да можат да работат и овде.
Volkswagen никогаш не затворил фабрика во Германија, а нема затворено фабрика никаде во светот од 1988 година.
Сепак, разочарувачките продажби го поттикнаа раководството да размисли за опсежни реформи, на гнев на вработените во компанијата.
Околу 25.000 работници се собраа во седиштето на Фолксваген во северниот град Волфсбург оваа недела за да слушнат како раководството ги брани планираните кратења.











