Извршниот директор на компанијата што го разви ChatGPT го открива својот најголем страв поврзан со вештачката интелигенција

45

Сем Алтман, извршен директор на OpenAI, компанијата која го разви сега познатиот ChatGPT, се појави на сослушување пред американскиот Конгрес и го повика тоа законодавно тело „да го регулира развојот и употребата на вештачката интелигенција што е можно поскоро“.

Алтман рече и дека треба да се формира нова агенција која ќе лиценцира компании со вештачка интелигенција, пренесува Би-Би-Си. Тој посочи дека развојот на оваа технологија за човештвото може да биде како нова „машина за печатење“, но дека бара безбедносни мерки.

Алтман изјави пред поткомитетот на американскиот Сенат дека регулативата и владината интервенција ќе бидат клучни за ублажување на ризиците од се помоќните модели на вештачка интелигенција.

Во своето излагање пред сенаторите, тој рече дека неговата „област на најголема загриженост“ е потенцијалот вештачката интелигенција да се користи за манипулирање со гласачите и ширење насочени дезинформации.

Еден од начините на кои американската влада би можела да ја регулира ИТ индустријата, според предлогот на Алтман, е режимот на лиценцирање за компаниите кои работат на развој на најмоќните системи за вештачка интелигенција. Тој исто така истакна дека вештачката интелигенција „може да загрози некои работни места“, но и да создаде нови.

Генералниот директор на „OpenAI“ се појави пред Сенатот во моментот на вртоглавиот успех на ChatGPT, моментално најпопуларниот чет-бот кој започна вистинска „трка во вооружување“ со вештачката интелигенција и во светот предизвика загриженост за широкиот опсег на можности за злоупотреба на најнапредната технологија.

Белата куќа ги повика врвните директори во оваа област, вклучително и Алтман, да се осврнат на вештачката интелигенција, а американските конгресмени исто така повикуваат на акција за искористување на технологијата и подобрување на националната безбедност, истовремено ограничувајќи ја нејзината злоупотреба.

Фото: facebook