
Извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела, на Светскиот економски форум во Давос (WEF) изјави дека се појавува глобален консензус за развојот на вештачката интелигенција (ВИ).
Надела не е сигурен дали е можно создавање глобална агенција за регулирање на вештачката интелигенција, но тој истакна дека различни земји зборуваат за заштитните мерки за вештачката интелигенција на ист начин, пренесува CNBC.
Во разговор со основачот на WEF, Клаус Шваб, тој рече дека развојот на вештачката интелигенција во светот бара глобални стандарди, без кои напредокот во клучните истражувања ќе биде многу сложен.
Мајкрософт инвестираше милијарди долари во Open AI, компанијата зад популарниот генеративен систем за вештачка интелигенција ChatGPT, со што се позиционираше како еден од главните играчи во областа на развојот на вештачката интелигенција.











