Јаневски: Годинава можеме да ја завршиме со 400 милиони долари приход од туризмот и над 2,6 милиони ноќевања

115

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски смета дека македонскиот туризам може да ја заокружи годинава со повеќе од 400 милиони долари и реализирани над 2,6 милиони ноќевања.

Како што напиша на својот фејсбук профил, девизниот прилив во вториот квартал 2022 година споредбено со истиот период лани е зголемен за 46 отсто и изнесува повеќе од 106 милиони американски долари.

„Девизниот прилив во првите два квартала од годинава споредбено со истиот период 2019 година е за 20 проценти зголемен. Можеме до целта за 2022 година во македонскиот туризам: повеќе од 400 милиони долари, повеќе од 2,6 милиони ноќевања“, наведува Јаневски.