Јаневски: Туризмот забрзано закрепнува, годинава 2,5 милиони ноќевања

106

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски годинава очекува 2,5 милиони ноќевања и над 400 милиони долари директен прилив од секторот во домашната економија.

Како што соопшти денеска на прес-конференција, туристичкиот сектор забрзано закрепнува, а за тоа најмногу придонеле традиционалните и гостите од регионот – Полска, Косово, Србија, Албанија и Турција.

Проекциите на АППТ, потенцира Јаневски, се дека до 2025 година македонскиот туризам ќе достигне над пет милиони ноќавања и преку 600 милиони долари прилив.

-Во 2022 ќе имаме и повеќе чaртери. Од средината на мај од Холандија, во јуни од Полска, кон крајот на мај стартува новата линија Тел Авив – Скопје, во почетокот на јуни и новата линија Измир – Скопје, а се очекува и уште една нова линија, а тоа е Марибор – Скопје, истакна Јаневски.

Тој најави дека во 2022 година ќе почне и новата стратегија во туризмот. АППТ планира и да ја брендира земјава како туристичка дестинација, да креира ново лого кое ќе се развие во државна кампања во 2023 година, како и да го зголеми присуството на државата на традиционалните пазари со кампања која ќе почне во средината на мај.