
Минатата година, Германија ја престигна Јапонија како најголема нација-кредитор во светот, соборувајќи го 34-годишниот рекорд што го држеше Јапонија, според најновите податоци објавени од јапонското Министерство за финансии.
Нето девизните средства на Јапонија во 2024 година достигнаа вредност од 533,05 трилиони јени (3,73 трилиони долари), што претставува зголемување од 12,9 проценти или 61 трилион јени во споредба со претходната година. Доларот и еврото зајакнаа во однос на јенот во 2024 година за 11,7 и 5 проценти, соодветно, зголемувајќи ја вредноста на постојните странски средства на Јапонија деноминирани во јени, додека активностите за спојувања и преземања во странство од страна на јапонските компании, исто така, придонесоа за растот.
Сепак, и покрај зголемувањето на странските нето средства на Јапонија, тие беа пониски од вкупниот износ на Германија минатата година, кој достигна вредност од 3.500 илјади милијарди евра или 3.780 милијарди долари. Кина се најде на третото место на листата на најголеми доверители во светот, со 3,3 трилиони долари нето финансиски средства.
Нето девизните средства, познати и како нето меѓународна инвестициска позиција, ја мерат разликата помеѓу девизните средства на една земја и она што таа го должи кон остатокот од светот. Зголемувањето на каматните стапки во Јапонија и поместувањето кон конвенционалната монетарна политика ги направија нејзините средства попривлечни, намалувајќи ги стимулациите за инвестирање во странство и ослабувајќи ја нејзината нето позиција како глобален кредитор.











