Јапонија и Холандија ќе им се придружат на САД во ограничувањето на извозот на чипови во Кина

41

Јапонија и Холандија планираат да им се придружат на Соединетите Држави во ограничувањето на пристапот на Кина до опрема за производство на напредни чипови, формирајќи сојуз кој ќе ги поткопа амбициите на Пекинг за зајакнување на домашното производство, според луѓе запознаени со разговорите.

Официјални лица од САД, Холандија и Јапонија се подготвуваат да склучат договор за нов пакет ограничувања за снабдување на кинеските компании, според анонимни извори. Во Вашингтон се водат преговори, а одлуката за ограничувањето нема да биде најавена, туку веднаш ќе стапи во сила.

Холандија ќе ги зголеми ограничувањата на ASML Holding NV, спречувајќи ја продажбата на некои од нејзините таканаречени машини за екстремна ултравиолетова литографија, клучни за производство на одредени напредни чипови. Јапонија ќе воведе слични ограничувања за Nikon, пишува Bloomberg.

Администрацијата на Џо Бајден објави минатиот октомври дека има за цел да ја ограничи способноста на Кина да произведува свои напредни полупроводници или да купува најнови чипови од странство кои би можеле да и помогнат на војската и да ја подобри вештачката интелигенција.

Јапонија, Холандија и САД се дом на некои од најважните компании за чипови, вклучувајќи ги ASML, Tokyo Electron и Applied Materials.

Американските производители се пожалија дека едностраната акција на администрацијата на Бајден им овозможила на странските конкуренти да продолжат да работат на еден од најголемите пазари за нивните производи, со што се намалува можноста за ограничување на воениот напредок на Кина.