Јапонија ја менува својата стратегија: Им требаат странци за зајакнување на јенот

78

Јапонските власти би можеле дополнително да ги „олабават“ граничните контроли за странските патници за да ја поттикнат економијата на земјата.

Според локалните извештаи, заменик-главниот секретар на кабинетот Сеиџи Кихара за локалната телевизија изјавил дека слабиот јен е „најефикасен во привлекувањето на влезниот туризам“.

Минатата недела јапонскиот јен падна на најниската точка во однос на американскиот долар во последните 24 години, за дури 1,7 отсто. Кихара вели дека ограничувањето на дневните влезови може да биде укината во „не толку далечна иднина“.

За потсетување, Јапонија го забрани влезот на повеќето странски посетители во последните две години поради мерките за Ковид-19. Минатата година, на странските посетители дури им беше забрането да учествуваат на одложените Олимписки игри во Токио во 2020 година.

Сепак, на почетокот на овој месец бројот на странски туристи на кои им беше дозволен влез во земјата се искачи на 50.000 дневно од 20.000, а туристите повеќе не мораа да патуваат со водич, пишува Би-Би-Си.

Други извештаи сугерираат дека владата може целосно да го укине дневниот лимит на пристигнувања. Американскиот долар, во меѓувреме, зајакна во однос на другите валути, бидејќи инвеститорите внимателно го следат зголемувањето на каматните стапки на Федералните резерви.

Исто така, треба да се забележи дека Јапонија е трета по големина економија во светот. Пред неа се САД како прва и Кина како втора најсилна економска сила на планетата. Веднаш зад Јапонија, на четвртото место е Германија.

Според Светската банка, БДП на САД во 2022 година е 20,89 трилиони долари; вредноста на кинескиот бруто домашен производ е 14,72 трилиони долари, а на јапонскиот – 5,06 трилиони долари. Германскиот БДП е 3,85 трилиони американски долари во 2022 година.