Јапонија ќе гради најголем парк на ветерници во светот

97

wind-farmВластите во Јапонија објавија планови за изградба на најголемиот парк на ветерници во светот. Паркот ќе се наоѓа на 16 километри од брегот на Фукушима, каде што во март 2011 година се случи инцидентот со нуклеарната централа, по земјотресот и ударот на цунами. Според проекциите, паркот на ветерници треба да произведува еден гигават енергија од 143 турбини.

По експлозијата во еден од реакторите на нуклеарната централа Фукушима 1 во март 2011 година, јапонската влада соопшти дека ќе се откаже од нуклеарната енергија поради опасностите што ги носи, но и поради придобивките на обновливите извори на енергија.

Токио планира постепено да ги затвори сите нуклеарни централи во земјата и да ги замени со ветерни и соларни паркови. Од префектурата на Фукушима велат дека нивната цел е регионот да произведува само зелена енергија до 2040 година.

Во моментов најголемиот парк на ветерници во светот се наоѓа на брегот на Велика Британија, кај Сафолк. Паркот произведува 505 мегавати енергија, а за тоа се користат 140 турбини.