Јапонија: Машиновозач ја тужи компанијата за намалување на платата за 40 центи

83

Јапонски машиновозач го тужел работодавачот, бидејќи му ја намалил платата за 56 јени,(0,49 долари), како казна  поради краткотрајниот застој во железничкиот сообраќај во земјата позната по точноста. 

Компанијата JR West на вработениот му ја намалила платата поради инцидент во јуни 2020 година кога возовите доцнеле минута.

Во образложението на компанијата се наведува дека на возачот му била одземени 56 јени од платата бидејќи не работел во таа минута.

На почетокот од годинава машиновозачот го тужел операторот West Japan Railway Company (JR West), една од водечките компании во железничкиот сообраќај која му одредила парична казна поради професионална грешка, објави дневниот весник Yomiuri Shimbun.

Машиновозачот сега бара компанијата да му исплати 2,2 милиони јени, или 19.470 долари, како обештетување со камати за морална штета која му е нанесена со паричната казна.

Јапонскиот сајт SorNews24 објави дека машиновозачот требало да вози празен воз до станицата Окајама на југот на земјата, но пристигнал на погрешен перон чекајќи да ја преземе смената од колега.

Кога сфатил дека згрешил, побрзал на вистинсkата платформа, примопредавањето на смената доцнело две минути, а тоа потоа довело до една минута доцнење на тргнувањето на возот од перонот.

Вработениот одбил да ја прифати казната и тврди дека доцнењето не предизвикало вистински нарушувања во возниот ред, ниту пак им донело проблеми на патниците бидејќи возот за време на инцидентот бил празен. Но, компанијата тврди дека го применила принципот „нема работа, нема плата“, како што би било во случај вработен да доцни на работа или неоправдано отсуство. Возачот го довел случајот до Окружниот суд во Окајама во март, каде што сега бара отштета.

Системот на јапонските железниците во светот секогаш е истакнуван како пример за беспрекорна ефикасност и точност.

Светските медиуми во 2017 година на насловните страници ја објавија веста дека железничкиот оператор „искрено“ ѝ се извинил на јавноста поради „големите неволји“ коишто ги предизвикал бидејќи возот тргнал 20 секунди порано.