Јaвен повик за отворање е-продавници „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси”

45

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (AETM), во рамки на проектот „Поддршка на локалните бизниси со помош на е-трговија” кој се реализира во партнерство со компанијата Visa, објавува повик „Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси”.

Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои сè уште не ги продаваат своите производи или услуги онлајн, а имаат потреба од отворање на е-продавница и од зголемување на знаењата и вештините поврзани со е-трговија. Преку јавниот повик ќе се доделуваат вредносни пакети од 1.000 евра за отворање дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на постоечка маркетплејс платформ и нејзина маркетинг промоција и ќе се обучуваат бизнисите за зајакнување на вештините поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг.

-Идејата зад проектот е да им се помогне на компаниите да отворат дополнителен продажен канал – е-продавница со цел добивање на нови клиенти и зголемени продажби, како и да им помогне за унапредување на работата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини, кои ќе им помогнат подобро да се претстават во јавноста и да ги реализираат своите бизнис цели, велат од AETM.

Проектот ќе трае до крајот на мај 2023 година, а ќе се состои од поврзување на бизнисите со домашните маркетплејс платформи и отворање нивна е-продавница во рамки на една од платформите која бизнисите сами ќе ја изберат. Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат и на практичен едукативен семинар за е-трговија „Сѐ за е-трговија“, кој ќе се одвива со физичко присуство. Ќе бидат поддржани 15 компании за отворање и промовирањe на нивната е-продавница, а едукативниот семинар ќе можат да го посетат по најмногу двајца претставници од секоја компанија. По завршување на програмата сите учесници ќе добијат сертификати за учество.