Јавниот долг е 59,9% од БДП во 2020 година

23

Благо намалување на јавниот и на државниот долг во четвртиот квартал од 2020 година. На крајот од 2020 година државниот долг изнесува 51%, што е за 0,5 процентни поени пониско во однос на претходниот квартал, додека јавниот долг изнесува 59,9% и е за 0,8 % поени понизок во однос на претходното тримесечје.

Гледано во апсолутен износ, државниот долг е намален за 57 милиони евра во однос на претходниот квартал, додека јавниот долг е намален за 89 милиони евра во однос на третото тримесечје.

Промената во состојбата се должи на отплатите направени во последниот квартал по основ на доспеаната еврообврзница од 2015 година, како и враќање на краткорочниот кредит кон комерцијалните банки земен на почетокот на минатата година.

Реализацијата на јавниот и на државниот долг во четвртиот квартал е пониска и во однос на проекциите за крајот на годината и тоа кај државниот долг е за 0,2 процентни поени пониска од очекувањата, додека кај јавниот долг за еден процентен поен помалку.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими најави дека на среден рок ќе се реализира постепена буџетска консолидација, која од една страна ќе влијае врз стабилизирање на долгот, додека од друга страна нема да влијае рестриктивно врз економскиот раст. Во таа насока планирано е буџетскиот дефицит, односно негативната разлика помеѓу приходите и расходите во буџетот постепено да се намалува. Така за годинава е проектиран речиси двојно понизок дефицит во однос на минатата година од -4,9% од БДП, следната година проекцијата е -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2%, односно под Мастришкиот критериум од -3% од БДП. Поради пандемиски предизвиканата економска криза, многу државичленки на Европската Унија (ЕУ) го надминуваат овој критериум, што е сосема разбирливо, имајќи ја потребата од силна државна интервенција и фискален поттик за економиите.

Фото: Pexels