Јавниот долг на ЕУ и еврозоната порасна и во вториот квартал

43

За ублажување на ефектите од пандемијата беше потребна силна државна поддршка во ЕУ и еврозоната и во вториот квартал, а јавниот долг како дел од БДП се зголеми на годишна основа и покрај економското закрепнување, покажа извештајот на Евростат.

Владите на ЕУ презедоа дополнителен долг во вториот квартал за да ги ублажат ефектите од пандемиската криза во општеството и економијата и да го поддржат закрепнувањето, што се рефлектираше во зголемувањето на јавниот долг како дел од БДП, и покрај растечката активност.

На ниво на ЕУ, јавниот долг како дел од БДП во вториот квартал изнесувал 90,9 отсто, што е за 3,7 процентни поени повеќе во однос на истиот период минатата година, објави Европската статистичка служба.

Во еврозоната, тој се зголеми за 3,9 процентни поени, на 98,3 проценти.

Споредбата со првиот квартал од годинава го одразува континуираното закрепнување на економските активности од корона-кризата, па учеството на јавниот долг во БДП на ЕУ се намали за 1,5 процентни поени.

Во еврозоната падна за 1,6 процентни поени, се наведува во извештајот на Евростат.