
Вкупниот јавен долг на земјата, на крајот од 2025 година, достигна 10.064,1 милиони евра, што претставува 59,6% од бруто домашниот производ (БДП). Оваа информација беше објавена денеска од страна на Министерството за финансии.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ова ниво на јавен долг е јасен и цврст показател за посветеноста кон одржување стабилни јавни финансии и фискална консолидација. Исто така, тоа значи почитување на Мастришките критериуми, кои предвидуваат јавниот долг да не надминува 60% од БДП.
„Морам да бидам искрена и да признаам дека нашите предвидувања, согласно Стратегијата за управување со јавниот долг, и покрај интензивната работа на Министерството за финансии, беа дека долгот ќе се движи нешто над 60 проценти“, изјави министерката.
Таа додаде: „Но, еве уште еднаш можеме да покажеме и докажеме дека со навистина посветена работа, внимателно планирање и строга контрола на секој поединечен трошок, земајќи предвид секој расход, не само на централната влада, туку истовремено и како се трошат средствата од кредити кои треба да ги повлечат јавните претпријатија и акционерските друштва, се покажа дека навистина можеме да постигнеме резултати побрзо од очекуваното.“
Министерката за финансии објасни дека пониското ниво на јавниот долг во споредба со предвидувањата се должи, пред сè, на внимателното управување со расходите во рамките на централниот буџет, како и на контролираното и постепено повлекување на кредитни средства од страна на јавните претпријатија.
Во овој процес, таа посочи дека клучна улога играат Секторот за буџети при Министерството за финансии, кој постојано ги следи финансиските состојби и извештаи на овие субјекти, како и Секторот за меѓународни финансии, кој го реализира повлекувањето на средствата.
Кога беше прашана за прогнозите за движењето на јавниот долг до крајот на годината, министерката наведе дека не очекува негово надминување од 60%. Сепак, додаде, дека конечните резултати ќе зависат од тоа како ќе се одвиваат приходите во текот на годината.
„За оваа година планиравме и проектиравме реални даночни приходи, а моите очекувања се дека може да има и одредено зголемување, особено имајќи предвид дека треба да стартува со целосна примена системот Е-фактура“, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Според официјалните податоци од Министерството за финансии, надворешниот јавен долг изнесува 4.493,9 милиони евра, додека внатрешниот јавен долг е 4.570,2 милиони евра.
Државниот долг, заклучно со крајот на 2025 година, достигна 538.253,1 милиони евра, што претставува 51,8% од БДП, и бележи намалување за 1,2 процентни поени во споредба со претходната година.













