Јазот меѓу богатите и сиромашните расте со огромна брзина

119

Секој десетти човек во светот е гладен, а во исто време многу компании остваруваат огромни профити од кризата: 95 прехранбени и енергетски компании повеќе од двојно го зголемија својот профит во 2022 година, се вели во извештајот на Оксфам, пренесе Дојче веле.

Како што се истакнува во извештајот „Опстанок на најбогатите“, кој оваа меѓународна хуманитарна организација го претстави на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, екстремната сиромаштија и екстремното богатство растат истовремено за прв пат во последните 25 години.

Покрај тоа, големите компании и нивните сопственици профитираа од различни кризи.

Според податоците на Оксфам, заклучно со 2020 година, најбогатиот процент од човештвото имал вкупно 26 трилиони американски долари, а останатите 99 проценти имале 16 трилиони американски долари.

Во изминатата година, богатството на милијардерите повторно „скокна“, особено поради „зголемениот профит на компаниите за храна и енергија“, вклучително и 95 компании кои минатата година го зголемија својот профит повеќе од двојно.

Во Германија, 81 отсто од вкупниот раст на богатството остварен меѓу 2020 и 2021 година отиде кај најбогатиот процент од населението, додека останатите 19 отсто отидоа кај 99 отсто од граѓаните на Германија.

Според Оксфам, најмалку 1,7 милијарди работници живеат во земји каде инфлацијата е повисока од растот на платите. Приближно секој десетти човек во светот е гладен. Како што се истакнува во извештајот, 60 отсто од гладните во светот се жени и девојчиња.

Во исто време, три четвртини од сите влади планираат да ги намалат трошоците во јавниот сектор, како што се образованието и здравството. Во овој контекст, организацијата ги повика владите да се спротивстават на овој тренд со даноци на вишокот профит и огромно богатство. „Оксфам“ бара данок на вишокот профит од најмалку 50 проценти, бидејќи, како што велат, „претходните планови за оданочување на овие кризни профитери пропаднаа“.

Приходите остварени на овој начин треба да се инвестираат во подобрување на социјалната сигурност, образованието и здравството со цел борба против нееднаквоста и сиромаштијата, се заклучува во извештајот.