Јелен е загрижена за третманот на американските компании во Кина

46

Американската министерка за финансии Џенет Јелен им кажа на американските бизнис лидери дека ќе им ја пренесе нивната загриженост на кинеските власти за казнените мерки преземени против американските компании.
Јелен е во посета на Пекинг каде се обидува да придонесе за стабилизација на односите меѓу двете земји.

Таа во петокот во Американската стопанска комора во Пекинг изјави дека сака да ја „продлабочи“ комуникацијата со Кина, пишува „Фајненшл тајмс“. Како прва американска министерка за финансии што ја посети Кина во последните четири години, Јелен рече дека ќе ги покрене прашањата што ги подигнаа веѓите меѓу американските претприемачи.

Тие прашања вклучуваат ескалација на притисокот врз компаниите и можни кинески контроли на извозот на минерали потребни за производство на микрочипови. „Ја соопштувам загриженоста што ја слушнав од американската деловна заедница, вклучително и употребата на непазарните алатки од страна на Кина, како што се проширени субвенции за домашните државни претпријатија, како и бариерите за пристапот на пазарот на странските фирми“, рече американската министерка.

Јелен ќе се сретне со кинескиот премиер Ли Кианг во рамки на четиридневна посета на Кина. Таа рече дека е „особено вознемирена“ од неодамнешните казнени мерки на Пекинг, кои ги спречуваат американските и другите странски компании да пристапат до чувствителни податоци за одредени индустрии.

Неколку недели претходно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен го посети Пекинг во обид да ги стабилизира односите меѓу САД и Кина, но нема извештаи за конкретен напредок во разговорите. Според аналитичарите, посетите на американските министри пред се треба да придонесат за одржување на комуникацијата на високо ниво.

Фото: Facebook