Јелен ја поддржа програмата за помош на ММФ за Украина

6

Американската министерка за финансии Џенет Јелен ја поддржа програмата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за финансирање на Украина под соодветни услови, која ќе биде завршена до крајот на март.
По состанокот со украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко во Киев, Јелен ја пофали работата за стабилизирање на економијата на Украина и „одржувањето на фокусот на економските реформи“ за време на инвазијата на Русија, објави американското Министерство за финансии.

Таа, исто така, изрази поддршка за создавање на мултиагенциска платформа за координација на донатори за Украина за да и помогне на земјата да ги реши нејзините краткорочни потреби за закрепнување и идните потреби за реконструкција со меѓународните партнери, се вели во соопштението пренесено од Ројтерс.