Јелен: Ограничувањето на цената на руската нафта ќе ја лиши Русија од приход за војната во Украина

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен изјави денеска дека ограничувањето на цената на руската нафта на 60 долари за барел ќе ги заштити потрошувачите од прекини во снабдувањето.
Членките на Европската унија во петокот се договорија да ја ограничат цената на руската нафта што се транспортира по море на 60 долари за барел.

Одлуката уследи откако Групата седум (Г7) и Австралија се договорија да усвојат плафонска цена за руската нафта од 60 долари за барел, набргу откако Европската унија постигна едногласен договор за истата цена на руската нафта претходно во текот на денот. објави АП.

„Ограничувањето на цените ќе го поттикне протокот на руската нафта на глобалните пазари, истовремено заштитувајќи ги потрошувачите и компаниите од глобалните нарушувања на снабдувањето“, рече Јелен, пренесува ТАСС.

Според нејзиното мислење, ограничувањето на цената на нафтата особено ќе им користи на земјите со ниски и средни примања, кои „веќе го почувствувале товарот на растот на цените на енергијата и храната“.

Покрај тоа, додаде таа, ограничувањето „ќе им овозможи на тие земји да се пазарат за поголеми попусти на руската нафта“, како и да имаат корист од поголема стабилност на глобалните енергетски пазари.

Јелен повтори дека верува дека овој потег ќе ги ускрати приходите на Русија за војната во Украина.