Јелен предупреди на можен банкрот на американската влада на 15 декември

113

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен предупреди на можен банкрот на американската влада на 15 декември – речиси две недели подоцна отколку што првично се плашеше.

„Постојат сценарија каде Министерството за финансии нема да има доволно средства за финансирање на операциите на американската влада по овој момент“, рече Јелен во писмото објавено од Министерството во вторникот (по локално време) до претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.

За да се обезбеди кредибилитетот на САД и кредитната способност на најголемата светска економија, американскиот Конгрес мора што поскоро да го подигне или суспендира плафонот на долгот, изјави Јелен, цитирана од „Блумберг“.

Во писмото до конгресните лидери, Јелен изрази силна увереност дека Министерството за финансии ќе може да ја финансира владата до 15 декември и да направи трансфер од 118 милијарди американски долари до „Highway Trust Fund“ на тој датум.

По 15 декември, пак, министерството ќе остане со недоволни ресурси доколку не се подигне плафонот на државниот долг.

Без зголемување на границата на долгот, ќе има делумна „стагнација“ на владата, владините функционери ќе бидат праќани на принуден одмор, а голем број агенции ќе мора да затворат.

Досега се очекуваше финансиите на Владата да „секнат“ малку порано – на 3 декември. Како и досега, Јелен го повика Конгресот брзо да го реши прашањето за лимитот на долгот за да се избегне опасноста од евентуален „дефолт“ во однос на државните обврзници на САД.

Од минатиот месец, Министерството за финансии користи таканаречени итни мерки за да не остане без пари. На почетокот на овој месец, оттаму соопштија дека искористиле 182 милијарди американски долари од околу 369 милијарди долари во готовина обезбедени преку такви мерки.

Пратениците усвоија краткорочно зголемување на лимитот на долгот минатиот месец, со цел да се даде доволно простор за маневрирање до конкретен рок, 3 декември, за редовно годишно финансирање на федералните агенции. Сепак, на овој договор му претходеше жестока дебата меѓу демократите и републиканците.

Во тоа време, Јелен рече дека законодавството ќе и дозволи на владата да продолжи да ги плаќа сметките до 3-ти декември. Датумите се предмет на промена врз основа на тековите на расходите и приходите на Министерството за финансии.

Лидерите на Конгресот сè уште не прецизирале план за тоа како ќе се справат со плафонот во наредните недели.