JGL ја презеде српската BG Pharm

42

jglХрватската фармацевтска компанија JGL ги презеде производниот погон, интелектуалната сопственост и опремата на српската фирма во стечај BG Pharm, а вредноста на оваа инвестиција, со планирано вложување и технолошко опремување, се проценува на два милиони евра, соопштуваат од JGL, пренесуваат хрватските медиуми.

“Со преземањето на оваа фирма, Јадран галенски лабораториј (JGL) продолжува со циклусот на развој и ширење на работењето, како и на инвестирањето во нови производни погони. Препознавањето на аквизициски потенцијал на соседниот пазар, на кој JGL преку фирмата ќерка работи веќе 12 години, се случи паралелно со актуелниот, 50 милиони евра вредниот инвестициски проект на изградба на Pharma Valley во Риека, со кој JGL планира да ги удвои капацитетите и да им конкурира на веќе етаблираните брендови на глобалниот пазар на здравјето”, наведуваат од хрватската компанија.

JGL, како што истакнуваат, со просечен и континуиран органски 25% раст е најбрзо растечка хрватска фармацевтска компанија и моментно се наоѓа на третото место во националната фармацевтска индустрија.

Вкупните консолидирани приходи на JGL група пораснаа од нешто помалку од 200.000 евра во 1991 година, на скоро 105 милиони евра во 2012 година, при што уделот на извозот во продажбата изнесуваше 75%.