Job Fair е одлична можност да ги развиете вашите професионални вештини и да запознаете претставници од врвни компании

52

Бордот на Европски Студенти по Технологија (БЕСТ) – Скопје го најави деветнаесеттото издание на Саем за ВРАБОТУВАЊЕ И КАРИЕРА – Job Fair 2024, кој ќе се одржува од 15 до 19 април. Job Fair е настан кои ги поврзува студентите и компаниите на едно место. Овогодишното издание ќе се одвива во техничко-технолошкиот кампус.
За тоа кои се бенефитите, очекувањата, и кој сè може да учествува на овој саем разговаравме со еден од одговорните за Саемот за вработување и кариера – Job Fair, Александар Димоски.

Бизнис Инфо:Овој месец Бордот на Европски Студенти по Технологија (БЕСТ) – Скопје го организира Саемот за вработување и кариера – Job Fair 2024 – кои се главните цели на овој саем?

  • Job Fair е саем кој има за цел да ги поврзе студентите со IT и техничките компании за да се олесни процесот за барање на пракса или работа.

Бизнис Инфо:Какви бенефити ќе имаат компаниите коишто учествуваат на овој саем и на кој начин ќе можат да допрат до потенцијалните кандидати за вработување?

  • На годишно ниво, Job Fair го посетуваат преку 5.000 студенти. Тоа е одлична можност за нашите партнер компании да имаат директен контакт со студентите. Доколку забележат некој студент што сметаат дека го поседува тоа што им е потребно, може да ја продолжат комуникацијата и на крај да дојде до соработка во форма на пракса или вработување.

Бизнис Инфо: Какви компании (од кои индустрии) ќе присуствуваат на саемот?

  • Со оглед на тоа што саемот се одржува во холовите на техничко-технолошкиот кампус, повеќето од компаниите се од тие области и се најсоодветни за студентите од тие кампуси (ФИНКИ, ЕЛЕКТРО, МАШИНСКИ, ТМФ)

Бизнис Инфо:Што може да очекуваат студентите на овој саем? Кои сè студенти може да учествуваат на саемот?

  • Саемот е направен од студентите за студентите, така секој може да дојде во кое било време. Job Fair е одлична можност да ги развиете вашите професионални вештини и да запознаете претставници од врвни компании, така да очекувајте продуктивно и забавно изминато време.

Бизнис Инфо: Саемот се одржува по 19-ти пат, какви се досегашните искуства и какви се очекувањата за оваа година?

  • Саемот бележи растечки интерес секоја година. Сè почесто слушаме за успешните приказни на нашите посетители, односно како преку Job Fair успеале да најдат пракса или работа која им била отскочна даска во нивната кариера. Очекувањата за оваа година се поставени на високо ниво, воведовме и нов концепт на амбасадори кои ќе бидат присутни за официјалното отворање. Очекуваме голема посетеност и многу успешни приказни.
  • За повеќе информации посетете ги нашите социјални мрежи.