Цената и популарноста на криптовалутите нагло расте – како и бројот на банкомати за криптовалути. Сега има речиси 29.000 такви машини ширум светот. Но, многу малку се во Западен Балкан.
Според еден извор, во Србија има само неколку – еден во Ниш, два во Белград и Нови Сад, но и четири во Косово (Приштина). Во Босна и Херцеговина ги има шест (3 Бања Лука, 3 Приједор). Официјално ги нема во Северна Македонија, Албанија или Црна Гора, пишува Блиц.
Криптовалутите, иако во голема мера нерегулирани, полека но сигурно добиваат се поголемо внимание на пазарите во Западен Балкан.
Интересот за криптовалутите во регионот се роди пред неколку години, односно во декември 2017 година, кога вредноста на биткоинот дојде до ниво од 20.000 долари. Не помина долго време и интересот за криптовалутите во соседството нагло порасна.
Според анализата на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ), три луксузни станови во Будва се продадени за 420 биткоини (3,2 милиони долари).
„Можно е дури и да се изнајми јахта во Црна Гора со плаќање со криптовалути. Компанијата која добива повеќе од 10.000 евра во готовина мора да ја пријави валутата во извештајот за трансакцијата. Но, истите правила не важат за криптовалутите“, се наведува во извештајот на ГИ, пренесува Инвеститор.
Министерот за финансии на Србија, Синиша Мали во четвртокот, одговарајќи на пратенички прашања изјави дека во моментов се обработуваат три лиценци за крипто менувачници и дека четворица издавачи на токени го платиле барањето за издавање лиценци. “Очекувам во следните неколку недели да ги имаме првите лиценци што ќе бидат издадени, тоа е многу важно за нас“, рече Мали и потсети дека Србија е една од првите земји што законски ја регулира оваа област.











