Каде во Европа има најмногу измамени купувачи на фалсификувана стока

43

Фалсификуваните стоки што влегуваат на пазарот на Европската унија секоја година сочинуваат скоро 7% од вкупниот увоз во вредност од 121 милијарда евра. Пиратските производи им штетат на малите и средни претпријатија, кои се ‘рбетот на европската економија и претставуваат ризик за потрошувачите.

Европската канцеларија за интелектуална сопственост (The European Union Intellectual Property Office- EUIPO) започна кампања за подигнување на свеста за фалсификувани производи што се продаваат преку Интернет.

Пандемијата на коронавирусот доведе до зголемување на купувањето преку Интернет, но исто така доведе и до нови сознанија за ризиците и штетите од повреда на правата на интелектуална сопственост во Европа.

Истражувањето на EUIPO покажа дека скоро секој десетти Европеец бил жртва на купување фалсификуван производ барем еднаш.

Најмногу измамени потрошувачи има во источна Европа – 19 % во Бугарија, 16% во Романија и 15 % во Унгарија. Фалсификуван производ изјавиле дека купиле и 7% од Хрватите, 3% од Данците и 2% од Швеѓаните.

Податоците на Евростат покажуваат дека од 89% од граѓаните на Унијата кои користат Интернет, дури 72% од нив купиле нешто преку Интернет барем еднаш минатата година, а третина изјавиле дека не се сигурни дали производот што го купуваат е оригинален.

Покрај тоа што претставуваат ризици по здравјето и безбедноста на потрошувачите, фалсификуваните производи честопати предизвикуваат финансиски загуби за малите и средни претпријатија.

Фото: Pixabay