Како да бидете продуктивни и во летниот период

22

leto

Фото: Pixabay

Летото е време кога високите температури помалку или повеќе влијаат на нашата продуктивност. Ако го додадеме на тоа и секојдневното “бомбардирање” со супер привлечни понуди на туристичките агенции, прилично е тешко да останеме фокусирани на задачата пред нас.

Сепак, има неколку работи што можат да помогнат да не ја загубиме и онака слабата концентрација за време на летниот период.

Прилагодете ја температурата

Штом температурите почнат да растат се намалува и желбата за работа. Идеалната температура за работа што експертите ја препорачуваат е помеѓу 20 и 25 степени. Клима уредите можат да помогнат, но и со нив треба многу да се внимава. Ако ја направите канцеларијата премногу ладна, кога надвор температурите се невозможни ќе предизвикате шок на организмот. Климите треба да бидат соодветно прилагодени на надворешните температури и поставени на место каде никој нема да биде директно изложен на нив. Во спротивно подгответе се за настинка. Освен тоа, жените се поосетливи на ниска температура во канцеларијата, отколку мажите, па треба да се внимава и на овој сегмент.

Средена просторија

Несреденото работно биро дополнително ќе ви ја намали продуктивноста. Летото е одлично време кога и на работа и дома треба да се потрудите нештата да имаат свој ред. Не станува збор само за добро организирано биро, туку и за елиминирање на некои лоши навики, односно сето она што ви го одвлекува вниманието. Овој период е совршен за да внесете малку повеќе ред во секојдневието, особено ако сте од оние чија работна просторија е вистински хаос. Има и многу практични совети во книги и онлајн што можат да ви помогнат полесно и поефикасно да се организирате и подготвите за периодот што следи.

Физичка активност

На сите ни е познат бенефитот од физичката активност што освен за телото, прави чуда и за менталните способности. Ја зголемува концентрацијата, ја изострува меморијата и придонесува за побрзо учење. Вежбањето надвор кога температурите се високи воопшто не е добра идеја. Но, затоа постојат места каде можете многу убаво да се испотите и да ја вратите енергијата. Разни сали за вежбање, базени, а тука можат да дојдат во комбинација зумба, пилатес, јога и било која активност на затворено што ќе ја одберете. Освен тоа, вежбањето заедно со други луѓе е забавно и помага повеќе да се посветите на активноста што сте ја одбрале.

Поставете си цели за во иднина

Во летниот период канцеларијата може да биде полупразна со оглед на тоа дека е време за одмори. Тоа ви дава добра можност да посветите малку повеќе време на планирање и поставување на идни цели. Секогаш имајте при рака бележник каде ќе може да запишете добра идеја или план. Редовно прегледувајте го списокот и штом ќе можете тргнете во акција.

Одвојте време за себе

Колку повеќе работите, толку повеќе забава/одмор заслужувате да имате. Летото е време кога треба да се искористат дел од вашите слободни денови, а за да ги наполните батериите не мора да отидете на некој далечен остров. Квалитетно време за себе може да биде и вечерна прошетка во парк или фамилијарен викенд на некое место, медитација ако сте од оние што сакаат да го “вежбаат” умот, забава со пријатели ако сакате повеќе дружење.