Како да ги решите недоразбирањата со бизнис партнерот?

24

dogovor

Фото: Pixabay

Работата често пати е пропратена со стрес и недоразбирање, а несогласувањата меѓу бизнис партнерите лесно можат да ја загрозат. За да ги закопате секирите, Noobpreneur нуди осум совети за смирување на затегнатите односи меѓу бизнис партнерите.

Престанете со кавгите

И најмала расправија може да ескалира во голема кавга доколку не се реагира на време. Иако партнерите најчесто не се согласуваат околу сите детали и се докажуваат кој е во право, а кој не, многу е важно разговорот да се насочи кон конструктивно и продуктивно решение наместо да им се препуштите на адреналинот и псовките.

Откријте ја суштината на проблемот

Несогласувањата можат да настанат околу банални работи кои не се важни за ниту еден од партнерите. Поради тоа е важно да се види што е суштината на самиот проблем. Иако целата збрка можеби настанала околу тоа што некој го заборавил светлото во канцеларијата кога си заминал дома, најчесто проблемот е подлабок и треба да се реши што побрзо.

Воведете неутрални страни

Во секоја расправија е важно да се задржи ладна глава. Но, емоциите и адреналинот често не можат да се контролираат. Поради тоа е добро да имате неутрална личност во близина која ќе го согледа проблемот и ќе укаже на најдобро решение без караници.

Проценете ја работата

Периодот на големи несогласувања е идеален за повторно преиспитување на работата и нејзините бенефиции. Завојуваните страни ќе се сетат што добро им носи работата и ќе сфатат дека на крајот на денот, важна е добрата работа, а попатните кавги не се важни.

Следете ја стратегијата на напуштање

Секое партнерство треба однапред да има договорена стратегија за напуштање на бизнисот. Така ќе се обезбедите и вие и вашиот партнер во случај нешто да тргне по крив пат.

Заборавете го пријателството

Желбата за зачувување на пријателството често доведува до продлабочување на недоразбирањата меѓу деловните партнери затоа што не сакаат да го загрозат. Но, статистиката покажува дека деловните несогласувања негативно влијаат врз пријателството. Затоа не го гледајте пријателот на работа како ништо друго освен како колега и бизнис партнер.

Респектабилен дијалог

Направете се што можете за да ги разберете грижите на партнерот и јасно да комуницирате со него за проблемите. Доколку искрено комуницирате и се почитувате, полесно ќе дојдете до компромис и цивилизиран разговор.

Побарајте правен советник

Доколку увидите дека соработката со досегашниот партнер навистина не оди како што треба и исцрпени се сите други решенија, подгответе се за најлошото сценарио. Вашиот правен советник нека ги провери уште еднаш деталите за партнерство и нека биде подготвен да ги заштити вашите интереси во случај да мора да се раскине партнерството.