Како да го искористите работното искуство на интервју за работа

49

iskustvo

Фото: Pixabay

Во најголемиот број на огласи како еден од главните услови за вработување се наведува работното искуство од одредената област. Сепак, тоа не значи дека веднаш ќе бидете примени, ако истото го поседувате. Она што е важно е на најдобар можен начин да покажете дека токму вашето работно искуство е подобро од искуствата на останатите кандидати.

Работодавачот не знае дека вие сте идеалниот кандидат

Го најдовте огласот којшто според вас е добитна комбинација за вработување, но оние што треба да одлучат за тоа не знаат дека токму вие сте кандидатот што го бараат. Затоа, клучно е како ќе им се претставите кога ќе бидете повикани на интервјуто. Добро размислете што сè сте работеле кај претходниот работодавач, сетете се на своите успеси, на конкретните примери со коишто ќе ги уверите работодавачите дека вие сте идеалниот кандидат за работата.

Создадете бренд од себе, но внимавајте кому ќе го презентирате

За да се претставите во најдобро светло пред работодавачот многу е важно добро да се познавате себе си и да знаете што сакате кога е во прашање работата. Истакнете ги своите квалитети и страста кон тоа што сакате да го работите. Направете бренд од себе којшто сакате да го продадете на работодавачот, но внимавајте истиот да биде во согласност со она што го претставува компанијата. За тоа ќе ви треба мало истражување кое во ниеден случај нема да биде бесполезно.

Работното искуство пронајдете го сами

Доколку сте кандидат без работно искуство и се жалите што тоа ве кочи при вработување, идеално време е сами да го најдете. Под искуство не се подразбира само она што е стекнато со постојана платена работа, туку и она што може да се добие преку разни пракси, волонтирање, хонорарна, односно фриленс работа. Причина повеќе да ги преземете работите во свои раце.