Како да го измерите потенцијалот на вашата бизнис идеја?

30

ideja

Фото: Pixabay

Имате бизнис идеја, сакате да ја реализирате, но сепак се прашувате колкав е нејзиниот потенцијал за успех?

Честопати избрзаните потфати завршуваат неславно. Затоа треба да верувате во своите идеи, но одлуката за нивно реализирање да ја носите со разумот, не со емоциите.

Анализирајте го вашиот производ

Размислувајте во насока колку е практичен производот/услугата, кои се неговите карактеристики и каква корист би имале купувачите од него. Разговарајте со своите потенцијални купувачи и дознајте што мислат за тоа што вие го нудите во однос на конкуренцијата. Така ќе разберете што точно продавате и ќе направите анализа колку тој производ/услуга им треба да луѓето.

Пазар за вашиот производ

Истражете го пазарот каде сакате да го пласирате вашиот производ или услуга за да утврдите дали и колку постои потреба за истиот/та. Според информациите од пазарот треба да одлучите дали да продолжите со плановите за реализација, да ја модифицирате идејата или целосно да ја отфрлите. За да дојдете до потребните информации треба да ги поставите и вистинските прашања, на пример, Кој ќе ги купува вашите производи? (компании, кафулиња, жени, мажи…). Исто така треба добро да се процени големината на пазарот и да видите дали би имало доволно простор и за вас, потоа во кој правец се развива вашиот пазар и слично.

Целна група на купувачи

Кога добро ќе го запознаете пазарот, треба да ја дефинирате и вашата целна група на купувачи. Треба да знаете точно да опишете за кого е наменет вашиот производ/услуга. Со тоа сознание ќе го обликувате производот според потребите на клиентот.  Производот/услугата мора да имаат целна група на купувачи. Не е возможно да бидат наменети за сите. Можни параметри за физички лица се: старост, фамилијарен статус, локација, образование, приходи, социјален статус и друго, додека за правни лица: стопанската гранка, големина, локација, квалитет, технологија, начин на плаќање и слично.

Конкуренција

Кога станува збор за конкуренцијата треба да имате увид во тоа што таа нуди за да можете вие да понудите нешто поквалитетно или поевтино, односно да ја искористите нивната слабост во своја корист. Можеби нивната услуга не е на врвно ниво или пак производот има одредена мана. Најдете некој аспект што вие ќе можете да го направите подобро. Тоа ќе ве одвои од конкуренцијата.

Ако после сите анализи дојдовте до заклучок дека вашата бизнис идеја, односно производот или услугата имаат свое место и купувачи на пазарот, впуштете се во подвигот и среќно.

Во случај тоа да не е така, секогаш постои простор и време за нешто ново.