Како да имате среќни и продуктивни вработени

baloncinja

Фото: Pixabay

Менаџерите кои се грижат за своите вработени, се трудат да бидат среќни и продуктивни, прават голем чекор кон долгорочен успех на компанијата што ја водат.

Вработените се продуктивни и исполнителни доколку знаат дека компанијата во која работат води сметка за нив и ја почитува нивната личност.

Entrepreneur направи листа од седум точки што на претприемачите или менаџерите ќе им бидат корисни за зголемување на среќата и продуктивноста на вработените.

Јасни цели и визија за работата

Во совршениот свет, секој би работел со полн капацитет секојдневно, но во реалноста тоа не е така. Психолозите велат дека јасно дефинираните цени им помагаат на вработените да ја разберат работата и да придонесат што е можно повеќе кон финалниот производ или услуга.

Транспарентност

Освен јасни и дефинирани цели, менаџерите мора да бидат транспарентни кога се во прашање ставовите на компанијата.

Помогнете им на вработените да ги дефинираат нивните професионални стандарди

Помогнете им на вработените да воочат колкава голема корист имаат од работата и обврските што ги извршуваат. Мотивирајте ги активно да се вклучуваат во дискусиите за идните планови на компанијата и дефинирање на идните цели. На тој начин ќе почувствуваат дека придонесуваат за развојот и интегритетот на компанијата во којашто работат.

Дозволете им на вработените да имаат свое работно време

Некој подобро функционира доколку денот го започне многу рано, додека на други им се потребни и неколку часа за да добијат елан и волја за работа. Од таа причина, ако сакате продуктивни и задоволни вработени, не ги ограничувајте кога да дојдат и кога да заминат од работа. Вработените ќе ја почувствуваат слободата, ќе ја разбудат креативноста и со полн капацитет ќе ги завршуваат работните задачи.

Работа од дома – како опција

Доколку работата е поврзана со компјутер и интернет, не мора секогаш да биде со фиксно работно место. Дозволете им на вработените, ако природата на работата го нуди тоа, да можат да останат дома и од удобната фотелја со голема шолја кафе или чај да си ја завршат задачата. Така ќе го избегнат градскиот метеж, ќе бидат помалку подложни на стрес и во домашни услови посконцентрирано ќе го сработат тоа што планираат.

Елиминирајте ги непотребните состаноци

Состаноците се многу важни за компанијата, бидејќи така ја олеснуваат комуникацијата меѓу вработените, се разменуваат идеи и полесно се доаѓа до решение на одреден проблем. Но, понекогаш знаат да бидат долги и здодевни, залудно да го потрошат времето на вработените, кои тие час или два би ги потрошиле на нешто попродуктивно. Затоа, одржувајте кратки и концизни состаноци, коишто ќе имаат поголем ефект.

Неформален кодекс на облекување

На работа поминуваме по минимум осум часа. Во тој период фокусот во целост треба да ни биде на извршување на работата, одошто на тоа кој како изгледа. Неформалниот изглед на вработените им помага да се чувствуваат пријатно во омилената облека, којашто мора да биде пристојна и соодветна за работа, но не мора да значи тежок костум, непријатна кошула или тесна вратоврска.