Повеќе од милијарда луѓе се активни на социјалните мрежи секој месец. Сè поголем број луѓе се присутни секој ден на една од социјалните мрежи каде што тие активно учествуваат во дебатирање, споделуваат и создаваат различни видови на содржина.
Од кога станаа популарни пред повеќе од една деценија, социјалните мрежи го привлекоа вниманието на маркетерите, кои многу брзо го забележаа огромниот потенцијал за пласман на разни производи, но и промоција на брендот. Во овој сегмент, посебен акцент е ставен на инфлуенсерите чии активности привлекуваат и задржуваат внимание на голем број корисници.
Во стручната маркетинг литература, инфлуенсерите се дефинираат како “лица кои имаат можност да влијаат на потенцијалните купувачи на производи или услуги преку промоција или препорака на социјални мрежи“.
Иако однесувањето на инфлуенсерите може значително да влијае на одлуките на голем број луѓе, сепак, за успешен настап на компанијата на социјалните мрежи, не е доволно да се избере личност која има многу лајкови и коментари под своите објави.
Секогаш треба да се има предвид дека според наодите од истражувањето, скоро 30% од инфлуенсерите немаат органска публика, но лајковите и коментарите доаѓаат од “фантомски“ сметки. Затоа, на целиот процес на избор на промотор треба да му се пристапи многу темелно и аналитички.
Анализа на инфлуенсерот
Ако сте решиле да го подобрите присуството на вашиот бренд на пазарот преку ангажман на инфлуенсер, првото нешто што треба да направите е внимателно да ги проучите потенцијалните кандидати. Обрнете посебно внимание на веќе споменатиот факт дека скоро третина од инфлуенсерите немаат органска публика. Во оваа фаза, важно е внимателно да се следи публиката кај потенцијалните промотори.
Можете да користите голем број софтверски алатки за анализа што можат да ви обезбедат клучни информации. Неопходно е да се следи која група на луѓе, според демографските карактеристики, интереси, се активни на профилот на инфлуенсерот. Ако податоците собрани од анализата се совпаѓаат со целната публика на брендот, тогаш успешно сте одбрале инфлуенсер кој ќе се занимава со вашата промоција.
Слушање
По успешно креирање на краток список на кандидати, треба да започнете внимателно да го следите нивното однесување на социјалните мрежи.
Она на што треба да обрнете посебно внимание е како потенцијалните промотори се однесуваат кон вашиот бренд. Ако инфлуенсерот е критичен кон вашиот конкретен производ или групата производи на кои исто така припаѓате, таквите кандидати, без оглед на нивната голема популарност, отпаѓаат. Едноставно нема смисла да склучувате договор со лицето од кое ќе побарате да го ревидира својот став и да го промени мислењето.
Дури и да успеете да постигнете договор, тоа ќе биде “јалова“ работа бидејќи првите реакции на публиката ќе бидат насочени кон брутална “провокација“ и на вас и на инфлуенсерот, поради изигрување на довербата на публиката. Затоа треба да обрнете внимание на оние кои зборуваат позитивно, без разлика дали станува збор за вашиот производ или категоријата на производи.
Ако има позитивен фидбек од инфлуенсерот, проследен од вашата целна група, тогаш тоа е совршена комбинација за пристап.
Анализа на технички вештини
Инфлуенсерите ја објавуваат својата содржина во различни формати – текст, слики или видео. Начинот на нивното претставување може да биде повеќе или помалку технички дотеран, во смисла на убаво пишување, добра обработка на фотографии или уредување видео. Колку е поизразена техничката вештина, толку повеќе се квалификува кандидатот да биде платен за вашата промоција. Сепак, важен аспект на овој чекор е начинот на кој се обраќа публиката. Дали содржината е духовита, мелодраматична, исполнета со топли емоции, е исто така многу важна при изборот на инфлуенсер, бидејќи продажбата и препознатливоста многу зависат од тоа.
Разговор
Пред самиот ангажман треба се разговора со инфлуенсерот за сите детали за соработката. За време на разговорот треба да бидете вистински психолог и добро да ја оценувате личноста, како и карактерните црти на идниот амбасадор на брендот. Обрнете посебно внимание на тоа дали потенцијалниот кандидат е склон на ексцентрично однесување, непочитување на договорот…
Фото: Pixabay