Како да ја насочите вашата кариера

24

pat

Фото: Pixabay

Еден од многу важните сегменти во нашите животи е работата што ја работиме. Поминуваме многу време на работа, а дополнително мислиме на работата и после работното време, па колку сме исполнети од неа влијае за достигнување на среќен и исполнет живот. Незадоволството од нешто, на кое поминувате голем дел од денот, може да предизвика фрустрации, нервоза, така што внимателно треба да избереме што работиме. И покрај факторите како моменталната економија, невработеност и лимитирани можности за кариерен развој околу нас, треба да размислиме која кариера и кое работно место ќе нè исполни. Сите се наоѓаме на крстопат и размислуваме околу тоа, па за да одбереме правилно, најважно е да ги дефинираме следниве работи:

  1. Која е вашата страст – Најважно од сè е да дефинираме и да знаеме што е тоа што нè исполнува да го работиме. Што сакаме да работиме, како да ни биде исполнето времето, колку сакаме да посветуваме време на работа, а колку за приватен живот. Направете листа од тоа што е важно за вас и размислете – дали моменталната работа ви овозможува или во иднина може да ви создаде остварување на вашите цели и желби. Поголема е веројатноста да бидете успешни во област за која имате страст и желба да работите.
  2. Кои се вашите вештини што ги поседувате – Одредете кои се вашите уникатни вештини и која додадена вредност може да ја дадете во местото каде што работите моментално. Дали тие вештини можат да ви овозможат напредок на моменталното работно место, дали тоа ве исполнува или тие вештини би биле апликативни на некое друго место. Meѓутоа, не се ограничувајте само на тоа што веќе го знаете за да одберете друг пат. Многу работи можат да се научат посетувајќи обуки, курсеви, читајќи книги или статии на интернет.
  3. Направете евалуација на моменталната ситуација на работата и можностите што ви ги нуди – Размислете дали сте или не сте задоволни од тоа што го работите во моментот. Колку ве исполнува работата што ја работите или може во иднина да ги исполни вашите желби од аспект на – развој и напредок во кариерата или со учење на нови вештини. Во согласност со тоа, размислете дали вие имате моќ да смените нешто доколку не ви се допаѓа или сè е во рацете на другите.
  4. Кои се вашите цели – Дефинирајте ги вашите цели. Доколку имаме дефинирани цели ќе знаете што да одберете. Со дефинирање на целите ќе знаете дали моменталното работно место ќе ви овозможи остварување на работата или е потребна промена.

Одговорите на овие и многу други прашања ќе ви овозможат да донесете одлука што сакате да правите и во која насока да се движите во наредниот период. Се случува поради секојдневните обврски и трошоци што ги имате (семејство, сметки итн.) да поминувате поголем дел од денот на работа, а која можеби не ве исполнува, но работејќи работа која не ви се допаѓа или исполнува, не го давате максимумот, не внесувате енергија и ентузијазам и сето тоа доведува до оневозможен напредок и незадоволство од двете страни.

На многу од нас ни е тешко да се одлучиме за промени поради тоа што се плашиме од непознатото и не знаеме како ќе се одвиваат работите во иднина. Тоа е најголемата бариера зошто некои луѓе не го живеат својот сон. Најголемата бариера сме ние самите. Доколку имаме јасно дефинирани цели и знаеме каде сме во моментов, единствен начин е да преземеме иницијатива и активно да работиме кон остварување на тоа што го сакаме.

“You don’t have to be great to start, but you have to start to be great.” ~ Zig Ziglar

Со успех во промените.