Како да ја подобрите комуникацијата на работното место

68

oci-raka-pixabay

Фото: Pixabay

Отворената и искрена комуникација е вистински предизвик на секое работно место. Доколку истата наидува на проблеми, тоа автоматски значи намалена продуктивност и изостанок на успеси.

Постојат неколку начини како да се подобри комуникацијата во канцеларијата и надвор од неа. Еве некои од нив.

Справете се со конфликтите на дипломатски начин

Уште од самиот почеток, вработените треба да знаат дека вашата врата е секогаш отворена. Охрабрете ги да доаѓаат кај вас во канцеларија, со тоа што ќе креирате безбедна средина каде ќе се чувствуваат опуштено и искрено ќе зборуваат за тоа што ги фрустрира. Сите разговори што ќе се водат таму треба да бидат строго доверливи.

Давајте ефективен фидбек

Вработените треба да знаат дека го цените нивниот труд или дека очекувате да работат повеќе. За тоа не мора да одржувате редовни состаноци доколку не сте во можност. Известете ги преку имејл, телефонски повик, скајп и слично. Во секој случај, трудете се да бидете прецизни и конкретни.

Дајте им го на вработените тоа што го сакаат

Ова не значи дека треба да се исполни секоја желба, но постојат четири нешта што ги мотивираат вработените, а можете да им ги обезбедите, секако соодветно со можностите и потребите:

Желба за компензација и материјални работи

Потреба да се поврзат со останатите и да се почувствуваат дека припаѓаат таму

Потреба нивното опкружување да има некаква смисла

Желба да ги одбранат нивните достигнувања

Верувајте им на вашите луѓе

Вработивте луѓе кои ги имаат потребните вештини и знаења да се справат со работните задачи. Штом е така, нема потреба постојано да ги микроменаџирате. Кога вработените знаат дека сами ја контролираат својата работа, повеќе се заинтересирани да ја сработат како што треба. Автономијата раѓа иновативност и задоволство.

Излезете надвор од канцеларијата

Не мора да одите којзнае каде и да губите продуктивно време. Едноставно соберете го целиот тим и одете на друга локација, малку поинаква од онаа на којашто се навикнати. Било да е тоа затворена или отворена просторија, со промената малку ќе ги размрдате вработените и ќе додадете свежина во здодевните денови каде работите најчесто се непроменети.

Прославете ги постигнатите успеси заедно

Секој постигнат успех прославете го, дајте им до знаење на вработените дека тоа е успех на целиот тим и секако наградете го најзаслужниот. Секогаш кога продуктивноста на работното место е зголемена потенцирајте дека тоа во голема мера се должи на отворената комуникација и соработка на целиот тим. Заедничко прославување на успесите ги бодри сите и ги зближува уште повеќе.