Како да одговорите на прашањето „Која е вашата најголема слабост“ на интервју за работа?

Повеќето кандидати за работа мислат дека доброто образование и искуство се доволни, но искусната регрутерка Мадлин Ман открива за CNBC дека успехот на интервјуто често зависи од нешто друго – способноста паметно да се „навигира“ низ процесот на вработување.

По повеќе од една деценија во човечки ресурси, Мадлин Ман, основач на бизнисот за кариерно советување „Self Made Millennial“, знае што навистина бараат работодавците. За време на нејзината работа како регрутер, таа сфатила дека многу кандидати имаат ограничено разбирање за процесот на селекција и дека не секогаш успеваат најобразованите и најискусните, туку оние кои знаат како паметно да пристапат кон барањето работа, пишува CNBC Make It.

„Која е вашата најголема слабост?“

Според Ман, подготовката е клучот до успехот: ќе бидете порелаксирани и посигурни ако однапред имате неколку добро осмислени одговори и конкретни примери. Едно од најчестите прашања на интервјуата е токму Која е вашата најголема слабост?

Поентата на ова прашање е да ја покажете вашата способност за саморефлексија. Многу кандидати се обидуваат да го избегнат тоа со фрази како „Премногу работам“ или „Перфекционист сум“, но искусните регрутери лесно можат да ја препознаат неискреноста.

Добриот одговор бара рамнотежа: признајте вистинска слабост, но не онаа што е критична за работата. Ако аплицирате за позиција сметководител, не кажувајте дека го мразите Excel – тоа автоматски ве дисквалификува. Наместо тоа, слабоста треба да биде специфична, реална и поправлива, на пример, „Понекогаш ми е тешко да добијам внатрешна поддршка кога водам голем проект“.

Важно е да бидете концизни и веднаш да објасните како работите за да ги надминете слабостите. Можете да наведете конкретни чекори: работа на односи со колеги од други оддели, барање менторство или дополнителни обуки и курсеви. Сето тоа покажува проактивност.

Иако зборувањето за слабостите може да биде непријатно, работодавците не го поставуваат ова прашање за да ве „фатат“. „Секој има слабости. Ако се сериозни во врска со вработувањето, тие само сакаат да разберат како да соработуваат со вас“, вели Ман.