Како да одговорите на прашањето за вашето претходно работно искуство

77

intervju

Фото: Pexels

Во постапката за пронаоѓање на соодветен рааботник, работодавачите за време на интервјуто за работа поставуваат разни прашања поврзани со вашето образование и работното искуство. Со поставувањето на прашањето за претходното работно искуство, работодавачите сакаат да создадат јасна слика за работникот кој би го ангажирале. Претходното искуство служи како индикатор за тоа дали сте соодветниот кандидат. Тие сакаат да дознаат повеќе за вашиот претходен ангажман и придонес во компанијата каде сте работеле. Вашата способност ефикасно да го опишете поранешното работно искуство ќе ви помогне да се издвоите од останатите кандидати и да ја добиете посакуваната работа.

Без разлика дали сте вработен, невработен, отпуштен или сте дале отказ, овие неколку совети ќе ви помогнат добро да се подготвите и претставите пред работодавачот кога ќе ви го постави тоа прашање.

Ако сте моментално вработени

Сè уште сте технички вработени, но сте одлучиле дека ви е потребна промена. Работодавачот ќе сака да ги дознае причините поради кои ја напуштате сегашната работа. Нагласете ги добрите работи и искуството коешто го имате стекнато во актуелната компанија, но посочете ги предностите за вашата кариера и развој кои ги гледате во компанијата во која сте аплицирале.

Ако сте невработен

Направете истражување за компанијата во којашто сакате да работите и истакнете ги вашите вештини и знаења коишто сте ги стекнале на претходното работно место. Не зборувајте негативно за компанијата во којашто претходно сте работеле, бидејќи така оставате негативен впечаток за вашата лојалност.

Ако сте добиле отказ

Ако сте добиле отказ на претходното работно место, наведете ги научените лекции од целото искуство. Уверете го работодавачот дека не сте ризичен работник.

Ако сте дале отказ

Посочете ги предностите, можностите и предизвиците што ги нуди новата работа. Имајќи јасна претстава за она што го сакате за себе, значи дека сте одлучна личност. Ако новата работа е усогласена со вашите планови за иднината, работодавачот ќе биде уверен дека ќе бидете продуктивни и посветени.