Како да останете смирени кога сте под притисок на работа?

279

Ве притискаат рокови, шефот бара нешто од вас што вие не можете да го завршите, имате колеги кои сакаат по секоја цена да докажат дека сте погрешиле…? Овие ситуации ви создаваат стрес и непријатно чувство на вознемиреност. Па, се поставува прашањето како да останете смирени иако тоа понекогаш изгледа дури и невозможно.

Со помош на овие кратки совети, обидете се да ја вратите контролата во ваши раце и да останете смирени, иако некој упорно ќе сака да ве “извади од шарки“.

Намалете со кафето

Кога сте напнати или под стрес, кога мора да го извлечете максимумот од себе, но чувствувате дека времето “ве гази“, најдобро е да не посегнувате веднаш по кафето. Се верува дека кофеинот што го има во кафе го стимулира лачењето на адреналин, што може да ви создаде лажно чувство дека сте брзи и ефикасно ги завршувате работите. Наместо тоа, јадете овошје, јаткасти плодови и пијте вода. Така, внатрешниот баланс ќе ви помогне да останете смирени и фокусирани.

Научете да правите листа со приоритети

Ова е знак дека сте добро организирани и знаете кои задачи имаат предност. Во моментите кога чувствувате дека почнувате во исто време да работите повеќе работи, сфаќате дека само се заморувате, а од работата нема никаков ефект. Затоа, важно е да ги одвоите најбитните работи од оние кои можат да почекаат. На овој начин, фокусот нема да ви биде на повеќе места во исто време, туку први на ред ќе бидат приоритетните задачи за кои ви треба повеќе време, концентрација и бистар ум.

Побарајте го внатрешниот мир

Доколку има нешто или некој на работа што ви создава чувство на немир, обидете се да се сконцентрирате на сопственото дишење. Важно е урамнотежено да вдишувате и да издишувате. Така, ќе воспоставите мир што ќе ви даде сила да го издржите напорот, стресот, здодевниот колега, строгиот шеф… Ако сте вознемирени, првото нешто што мора да го направите е да се смирите, дури потоа сериозно фатете се за работа. Во спротивно, она што ќе го работите додека сте нервозни, ќе биде преполно со грешки, па ќе изгубите дополнително драгоцено време за коригирање, што некогаш може скапо да ве чини и да ви создаде нов стрес.

Не ветувајте премногу

Во ситуација кога имате одредена задача што временски е ограничена, не се обидувајте да го импресионирате шефот дека ќе ја завршите во рекордно кратко време. Таква брзоплета одлука, може да ве чини многу повеќе работа, стрес, напнатост, а тоа e последното нешто што го сакате. Бидете реални, оставете простор за корекција и побарајте помош и поддршка од колегите. Искреноста кон самите себе треба секогаш да ја вреднуваме, а во исто време и да градиме таков однос кон колегите, соработниците и претпоставените.

Фото: Pexels